Далибор Ступар
Граѓаните сакаат институциите да си ја вршат работата, а власта тоа не го сака, бидејќи тогаш ќе мора да се демонтира корумпираниот систем. Злото е толку длабоко вкоренето во ткивото на општеството, што мора комплетно „да се израмни со булдожери на нула“. Корупцијата од октомври до денес, во три земји од регионот – Босна и Херцеговина, Србија и Македонија – однела 107 животи. Прво, во Босна и Херцеговина, во местото Долна Јабланица, на 4 октомври 2024 година, поради уривање на каменолом, загинаа 19 мештани. Потоа следуваше 1 ноември, кога во Србија, во Нови Сад, се урна настрешница од зградата на обновената Железничка станица. На самото место загинаа 14 граѓани, а тројца беа извлечени од урнатините со тешки повреди. Во наредните месеци уште две лица им подлегнаа на повредите, па денешниот трагичен биланс е 16 загинати и едно лице со тешки повреди. Во јануари, во пожар во Домот за возрасни лица „Ивановиќ“ во Велики Борек кај Барајево, на лице место загинаа осум лица, а три подоцна починаа во болница. Последната, и со најмногу жртви, е трагедијата во Кочани во Северна Македонија, каде што при настап на бендот ДНК во пожар загинаа 62 лица, а најмалку 155 беа повредени. Иако нема пресуди, и иако никој сè уште не одговарал, сите досега објавени податоци и документи покажуваат дека одговорноста за секоја од овие несреќи ја носи човечкиот фактор, односно – корупцијата. Прашањето што секогаш се поставува во вакви ситуации е зошто секогаш ние? По што сме ние тоа посебни?
Индексот за перцепција на корупцијата (Corruption Perceptions Index – CPI) го мери степенот на перципирана корумпираност во јавниот сектор (функционери и јавни службеници). Индексот се формира врз основа на различни истражувања и мислења на експерти, институции и бизнисмени. Скалата е од 1 до 100 – колку повисок број, толку помала корупција. Најдобро рангирана е Данска со индекс 90.
Според овој индекс, од 180 држави, најлошо рангирана земја од регионот во 2024 година беше Босна и Херцеговина (33), на 114-то место. Србија (35) е веднаш зад неа на 105. позиција, Македонија (40) е на 88. место, Албанија (42) на 80-то, Косово (44) на 73-то, а најдобра е Црна Гора (46) на 65-то место. Во Србија, индексот 35 (од 100), со 105-то место, е влошување во однос на претходниот период и е најлоша позиција од 2012 година, кога се применува сегашната методологија на рангирање. Дека корупцијата е убедливо најголем проблем во Србија, покажува и истражувањето на организацијата „Транспарентност Србија“, каде што 22% од граѓаните го сметаат тоа за главен проблем – за првпат по 25 години слични истражувања. Дури 41% сметаат дека таа е присутна „во многу голема мера“, што е повеќе од двојно зголемување во однос на 2021 година.
Немања Ненадиќ од таа организација истакнува дека трагедии се случуваат и во уредени држави со владеење на правото, но за овој регион е карактеристично што првата реакција на граѓаните е сомнеж дека некоја државна институција не си ја завршила работата.
„За жал, тоа многу често се покажува како вистина – дека корупцијата придонела за настанот или неговите штетни последици“, вели Ненадиќ.
Тој наведува дека случаите се различни. Во Кочани и Јабланица државните органи не ги извршувале надзорните овластувања или, под влијание на корупција, давале некакви дозволи. Во Нови Сад, кај Железничката станица, сомнежот за корупција се однесува на процесот на доделување на договорот и поврзаноста на домашни изведувачи вклучени без јавни набавки со лица од власта.
Корупција или не – прашање е сега
Увереноста на граѓаните дека зад трагедијата стои алчност предизвикана од корупција се потврди веднаш штом се дозна дека цената на реконструкцијата скокнала од 3 на 16 милиони евра! Александар Вучиќ првично тврдел дека нема корупција, но подоцна, кога дел од документацијата беше објавена, почна да вели дека можеби имало, но вината сепак ја носи „струката“. Сомнежот го оправдуваат и апсењата по наредба на Посебното одделение за борба против корупција при Вишото јавно обвинителство во Белград.
По несреќата, властите ја засилија редовната реторика за борба против корупцијата, што обично се активира најмалку двапати годишно, најчесто во изборни кампањи. Апсења има, но пресуди – речиси и да нема.
Во јули 2024 година, Владата на Република Србија ја усвои Националната стратегија за борба против корупција за периодот 2024–2028. Само еден ден порано, Европската комисија го објави годишниот извештај за владеењето на правото во земјите кандидатки – Србија, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија.
Во делот за корупција се наведува дека таа и понатаму е висока во Србија, дека постои правна рамка, но и дека во практика има сериозни недостатоци: недоволен број обвинители за организиран криминал и политички притисоци врз истрагите на високо ниво.
Еден од членовите на работната група за изработка на споменатата стратегија беше и активистот на организацијата „Кареја“ од Панчево, поранешен инспектор за економски криминал, Синиша Јанковиќ. Тој смета дека стратегијата е поставена погрешно уште од самиот почеток, бидејќи високата политичка корупција, преку донесување на таа стратегија, сакала да „елиминира сè што ѝ пречи“.
„Требаше да ја наречат стратегија за борба против обична, мала, улична или бенигна корупција, што е бесмислено во океанот на корупција со мега размери која одзема човечки животи и која, како што гледаме на примерот со настрешницата и реконструкцијата на пругата од Нови Сад до Суботица, одеднаш одзема десетици и стотици милиони евра“, рече Јанковиќ.
Тој вели дека за време на изработката на стратегијата биле одржани околу 50 состаноци, но без навлегување во суштинските прашања, и дека подоцнежната јавна расправа се одвивала зад затворени врати. Иако е усвоена пред повеќе од осум месеци, имплементацијата сè уште не започнала, додава Јанковиќ, со напомена дека акцискиот план е неодамна завршен и чека усвојување.
Нема локални антикорупциски планови и тимови
Борбата против корупцијата е замислена на сите нивоа, а еден од механизмите се и локалните антикорупциски тимови. Сепак, тие се формирани само во неколку градови, и ни таму не постигнале ништо значајно (Ниш, Сомбор, Нови Пазар). Интересно е, посочува Јанковиќ, дека членка на локалниот антикорупциски тим во Ниш била Драгана Сотировски, подоцна градоначалничка, која неодамна беше уапсена во борбата против корупцијата! Собранието на АП Војводина уште во 2018 година го усвои Покраинскиот антикорупциски план, врз основа на кој во 2019 година била спроведена процедура за избор на Покраинската антикорупциска комисија. Јанковиќ се кандидирал и стигнал до последната фаза. Комисијата никогаш не била формирана, а тој, по неколку предупредувања во текот на годините, на крајот јавно ја повлекол кандидатурата.
Ако тогаш била формирана комисија, додава тој, тоа не значи дека ќе се спречела трагедијата на Железничката станица, но нешто сигурно ќе било поинаку. „Сосема сигурно е дека во тие пет години постоење таква комисија барем ќе го подигнеше нивото на антикорупциска култура“, оценува тој.
Системот е расипан
Токму тоа го сфатија граѓаните и опозицијата, кога веднаш по уривањето на настрешницата започнаа масовни протести со пораки „Корупцијата убива“ и „Рацете ви се крвави“, што до денес остана симбол на борбата против неодговорната власт. Студентите со своите блокади и други акции само го проширија тоа уверување меѓу граѓаните, и сега борбата се води токму на тој терен. Граѓаните сакаат институциите да работат, а власта не сака институциите да работат, затоа што тогаш ќе мора да се демонтира корумпираниот систем.
„Конечно јавноста сфати дека корупцијата убива, луѓето станаа поради тоа, затоа што секој се виде себеси како потенцијална жртва“, истакнува Јанковиќ.
Корупцијата, според него, има трагични последици, иако тоа не е намерно. Никој немал намера да направи настрешница што ќе падне и ќе убие луѓе, туку тоа се случува затоа што единствената цел на корупцијата е: пари и профит. Поради тоа, се вклучуваат подизведувачи на подизведувачи, кои потоа имаат свои подизведувачи, што на крајот доведува до скап, но неквалитетен проект, кој паѓа и убива луѓе.
Во меѓувреме, јавноста дозна дека главниот јавен обвинител за организиран криминал уште на 28 февруари донел наредба за формирање Ударна група за истражување на финансиските текови поврзани со целиот проект за реконструкција на пругата од Нови Сад до границата со Унгарија.
Во составот на Ударната група се тим од четворица јавни обвинители, тројца финансиски форензичари и двајца помошници, 17 полицајци од Одделението за борба против организиран криминал – Сектор за финансиски криминал и перење пари, припадници на Единицата за финансиски истраги, осум инспектори од Даночната полиција, вработени во Управата за спречување перење пари и во Агенцијата за деловен регистар – беше потврдено во одговорот на Обвинителството за Инсајдер.
Ненадиќ оценува дека тоа е еден од моделите на работа на обвинителството, дека истрагата е во почетна фаза и дека сè уште не е сигурно дали ќе резултира со обвинение.
Парадокс – државата ја истражува сопствената корупција
Парадоксално е што потенцијалната корупција на државните органи треба да ја истражуваат други државни органи, што е посебен проблем во земјите од регионот каде институциите се често заробени од власта.
Ненадиќ вели дека дури при вакви трагични настани граѓаните се соочуваат со сознанието дека контролните механизми кои треба да обезбедат спроведување на прописите, меѓу другото и безбедносни, се „многу далеку“ од она што треба да бидат. „Кога се случуваат настани како тој во Македонија, се покажува дека тие инспекциски контроли кои треба да им гарантираат на граѓаните почитување на прописите, не се вршат доволно редовно или не се вршат насекаде каде што треба“, наведува тој.
Често, вели тој, по трагедии се зголемуваат контролите на краток рок, но системот што би обезбедил долгорочна заштита никогаш не се воспоставува.
Корупцијата (не) е важна
Останува нејасно зошто во овој регион, и покрај тоа што се свесни за севкупната корупција, и покрај тоа што нивните земји се високо рангирани по корумпираност, граѓаните и натаму ги избираат истите политичари кои со години ја кочат правната држава.
Клучно е, вели Ненадиќ, граѓаните да станат свесни дека обврска на власта е да работи во заеднички интерес. Тоа е основата на функционирањето на демократско општество и борбата против корупцијата, додава тој.
Ненадиќ напоменува дека граѓаните се делат на две групи, едни кои ја пренесуваат одговорноста за одлуките на други, и други кои гледаат на властодршците како на луѓе што самите ги ангажирале.
„Некои бараат водач, други бараат добар мајстор. Тоа постои во секое општество, прашањето е која група во одреден момент ќе преовладee“, вели Ненадиќ.
Се чини дека во земјите од регионот доминираат оние кои сакаат водач. Настаните како споменатите трагедии имаат потенцијал, додава тој, да доведат до промена на свеста кај граѓаните и, евентуално, до конечно воспоставување на силни механизми.
Јанковиќ смета дека парцијална промена на системот е невозможна, бидејќи злото е толку длабоко вкоренето во ткивото на општеството, што мора „целосно да се израмни со булдожери на нула“. Потоа, вели тој, целиот општествен систем треба да се гради од почеток.
„Кривично-правниот систем е сложен, не можеме само да смениме еден обвинител или некој во полицијата, мора системски да се направи тоа за навистина да се започне борбата против корупцијата“, вели тој.
До тогаш, до тоа булдожерско израмнување и воспоставување нов систем, земјите во регионот, изгледа, ќе продолжат да водат лажна борба против корупцијата, само за да имаат изговор пред бирократите од ЕУ кои едвај чекаат да заокружат некоја рубрика во извештај и да исчезнат одовде. Сепак, поддршката и помошта што граѓаните на земјите од регионот си ја дадоа едни на други по несреќите покажува дека не мора да биде така. Единственото прашање е, дали има доволно сила, по сите овие трагедии, општествата да ја добијат војната против „заробените држави“?
Республика
(Авторот е новинар)