Кога се говори за двојни стандарди во политкиката треба да се има предвид македонското прашање, затоа што две декади кандидатскиот статус не може да се претвори во членство во ЕУ поради вештачките прашања кои се отвораат, рече премиерот Христијан Мицкоски на панел дискусија во рамки на Минхенската безбедносна конференција. Воопшто не сум изненаден од говорите на Минхенската безбедносна конференција и од одредени промени на „ветриштата кои дуваат“, рече премиерот Христијан Мицкоски на панел дискусијата „Геостратегија и енергетска сигурност“, во рамки на Минхенската безбедносна конференција. – Не сум изненаден од последните случувања и од најавите на американската администрација – рече Мицкоски. Тој говореше за новите предизвици кои се исправаат пред НАТО, за плановите на Македонија во областа на енергетиката, како и за идните односи во Европа. – Кога зборуваме за НАТО, не заборавајте дека мојата држава за да стане членка на НАТО го промени името. Кога се зборува за откажувања и за двојни стандарди, не треба да заборавиме на ова. Нашата посветеност за НАТО не може да се доведе во прашање, со многу страдање и понижувања станавме членка на НАТО – рече премиерот Мицкоски. Тој посочи дека кога се говори за двојни стандарди во политкиката треба да се има предвид македонското прашање, затоа што две декади кандидатскиот статус не може да се претвори во членство во ЕУ поради вештачките прашања кои се отвораат.
Тој посочи дека Македонија мора да добие извесност на својот пат кон ЕУ. Во врска со енергетските планови и Македонија како крстосница Мицкоски рече Македонија има огромен потенцијал. – Коридорот 8, кој ги поврзува Црното Море со Јадранското Море, е критичен не само за економијата туку и за НАТО, бидејќи создава силна транспортна оска од Исток кон Запад. Истовремено, модернизацијата на Коридорот 10 може да го промени начинот на кој суровините и производите патуваат низ Европа, намалувајќи ја зависноста од далечни пристаништа како Ротердам и Хамбург. Ако пристаништето во Солун стане клучна точка за транспорт, Македонија ќе добие значителна економска и геополитичка предност – рече Мицкоски на панел дискусијата во Минхен.