И ЗСФ-КОМ на познатиот бизнисмен Фатмир Етеми, но и Современ дом од Прилеп, ги зголемија своите акционерски пакети во Скопски пазар. Тие вчера преку соопштение на Берзата ја известија инвеститорската јавност дека докупиле акции во таа компанија, со што сега заедно поседуваат 77,64 отсто од капиталот на компанијата, или поединечно по 38,82 отсто од обичните акции издадени од тоа друштво со право на глас. Докупени се и приориотетни акции, но тие немаат право на глас, а од нив двете компании сега поседуваат 52,51 отсто од приоритетните акции. Еве какво известување стигна од Скопски пазар. „Известуваме дека во изминатиот период акционерот ЗСФ-КОМ ДООЕЛ Скопје се стекна со дополнителни 43 обични акции и во моментов поседува вкупно 27.540 обични акции со право на глас издадени од Скопски пазар, што претставува 38,82 отсто учество во вкупниот број на обични акции. Истовремено известуваме дека акционерот Современ дом АД Прилеп се стекна со дополнителни 43 обични акции и во моментов поседува вкупно 27.540 обични акции со право на глас издадени од Скопски пазар АД Скопје, што претставува 38,82 отсто учество. Во моментов ЗСФ-КОМ ДООЕЛ Скопје и Современ дом АД Прилеп како акционери кои дејствуваат заеднички поседуваат вкупно 55.080 обични акции со право на глас или 77,64 отсто од вкупниот број на обични акции издадени од Скопски пазар“, објави компанијата преку Македонската берза.
Инаку, „Скопски пазар“ управува со 12 пазари на отворено во регионот на Скопје кои располагаат со 2.700 тезги. Воедно компанијата има и деловен простор од 54.000 квадратни метри кој го издава на свои деловни партнери.
Она што во последниот период беше интересно за Скопски пазар, но и за двата негови доминантни акционери, е дека тие, иако влегоа многу храбро во битката за освојување на Македонијатурист, и иако Скопски пазар успеа преку купување на акции да стане најголемиот поединечен акционер во таа компанија, со 19,9 отсто, а плус акции купуваа и неговите поединечни акционери, сепак, не успеаја да ја остварат превласта во таа компанија, а тоа најдобро го покажа формирањето на новиот Надзорен одбор, каде што не влезе предложениот член на Скопски пазар. Имено, како што објавивме, нови членови на НО се Горан Марковски, кој беше избран и за претседател на тоа тело, како и Горазд Поповски, како независен член, Сашко Бошков и Олга Павлова. За нив гласале мнозинството акционери на седницата на Собранието, кое се одржа токму на предлог на Скопски пазар. Скопски пазар предложи само еден член, Марјан Ѓорчев, искусен економист, поранешен градоначалник на Кисела Вода, лице со долгогодишно политичко искуство како член и потпретседател, пратеник и министер на ВМРО ДПМНЕ, но тој не се најде во составот на Надзорниот одбор, што значи дека предлогот на Скопски пазар не поминал, што говори, пак, дека иако оваа компанија има најголем поединечен пакет акции во Македонијатурист, мнозинството од различни акционери не гласале за нејзиниот предлог. А, во НО ќе членуваат Олга Павлова и Горан Марковски, кои беа предлози на компанијата Чеза Комерц. Таа фирма поседува 6,37 отсто од акциите на компанијата, но мора да се наведе и дека акционерот Симеон Павлов кој поседува 10,5 отсто, е исто така и еден од сопствениците на „Чеза комерц“. Сашко Бошков и Горазд Поповски, пак, беа предлози на „Промедика“, која поседува 11,9 отсто од акциите во „Македонијатурист“. Иако за членови на Надзорниот добор не поминаа предлозите на еден од најголемите акционери, М.Г. Фешн, се очекува дека од таа компанија ќе се изнедрат предлози за членови на Управниот одбор на компанијата, бидејќи таа, според наши информации, има поддршка и од најголемиот број други акционери во хотелиерското акционерско друштво.