Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, мора веднаш да поднесе оставка од функцијата, само така ќе се обнови кредибилитетот на ДКСК. Ова го порача поранешната прва антикорупционерка Билјана Ивановска откако актуелната претседателка на ДКСК минатата недела се најде на листата на осомничени во случајот „Адитив“ поради оддавање службени тајни на друг обвинет во случајот. „Претседателката на ДКСК мора под најитно да си поднесе оставка затоа што на овој начин сè уште ја инфицира институцијата, значи треба да се тргне за институцијата да може слободно да се чисти“, изјави Ивановска одговарајќи на новинарски прашања пред одржувањето на сесијата на Националната конвенција за ЕУ во РСМ посветена на борба со корупцијата.
Ивановска: Димитровска мора веднаш да поднесе оставка, само така ќе се обнови кредибилитетот на ДКСК
На прашањето дали случајот со Димитровска го подрива кредибилитетот на ДКСК, Ивановска вели дека со ова несомнено им се нанел тежок удар на општеството, граѓаните и институцијата, пред сè, но дека не е момент да се седи со скрстени раце. Според Ивановска, на потег сега е законодавниот дом пред кого одговараат и претседателката и членовите на Антикорупциската комисија.