– Ова е шанса да се расчисти со дивоградбите во Чаир. Чаир беше симбол на зеленило и пространост, а сега тоа се е уништено, вели Билјана Ивановска, поранешната претседателка во претходниот состав на Државната комисија за спречување на корупција во емисијата „Трилинг“.Таа за работењето на Обвинителството во случајот „дивоградби во Чаир“ кој го обелодени градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, вели дека било погрешно насочено и дека „уште ги бара“ вистинските податоци, а за партиите тврди дека секогаш се здружени кога станува збор за градежништво и нехумана урбанизација.
– Државниот градежен инспекторат не можел да се справи со општината и побара помош од Државната комисија за спречување на корупција, во смисла на тоа дека не ги добивал барани документи од таму, рече Ивановска.
Во истрагата на нејзиниот состав вели дека од градоначалникот Висар Ганиу добиле единствено само писмен одговор дека „објектот е изграден и ги исполнува условите за легализација“, иако претходно долг период биле барани потребните документи.
-И ние не добивавме документи од Општина Чаир, дури имавме и прекршочни казни за градоначалникот кој не ни доставуваше документи по други предмети. Не сме далеку од „држава во држава“, тврди таа.
Ивановска потсети дека поранешниот градоначалник во Општина Чаир, сега министер за животна средина Изет Меџити, сам кажал дека ги легализирал дивоградбите на Бујар Османи, браќата на Артан Груби и на многу други граѓани.
-За сите овие дивоградби некој свесно прогледувал низ прсти. Ова е едно тотално лудило, затоа што ако вие мора законски да се приклучите на инфраструктурата на градот, како може да се приклучите ако сте дивоградба?, прашува поранешната антикорупционерка.