„Ова е шанса конечно да се расчисти со дивоградбите во Чаир. Чаир беше симбол на зеленило и пространост, а сега сè е уништено“, изјави Ивановска, алудирајќи на аферата што ја обелодени градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Според неа, работењето на Обвинителството во овој случај било погрешно насочено и без резултати, и сè уште „ги бара вистинските податоци“. Ивановска остро ги критикуваше и политичките партии, кои, како што рече, секогаш се обединети кога станува збор за урбанистичко профитерство и нехумана урбанизација.„Државниот градежен инспекторат не можеше да се справи со општината, па побара помош од нашата комисија, бидејќи не добиваше никакви документи од Чаир“, посочи таа.
Ивановска откри дека и во времето на нејзиниот антикорупциски мандат, немале пристап до потребната документација од општина Чаир, иако подолг период барале информации за спорните објекти.„Градоначалникот Висар Ганиу ни одговори само дека објектот ги исполнува условите за легализација, без да ни ги достави останатите документи. Имавме и прекршочни пријави против него за други случаи – не сме далеку од ситуација на ‘држава во држава’“, додаде Ивановска.
Во емисијата, таа потсети и на јавната изјава на поранешниот градоначалник на Чаир, сега министер за животна средина, Изет Меџити, кој, како што рече, сам признал дека биле легализирани дивоградбите на Бујар Османи, браќата на Артан Груби и други лица.„За сите овие дивоградби некој свесно прогледувал низ прсти. Ова е тотално лудило, затоа што ако мора да се приклучите законски на инфраструктура, како воопшто може да добиете приклучок ако сте дивоградба?“, праша реторички поранешната антикорупционерка.Ивановска заклучи дека Чаир е најсилната симболика на институционален молк и урбана анархија, и дека само со политичка волја и транспарентност може да се вратат редот и правото во оваа општина.