Прес-конференција на Ивона Кузмановиќ, член на Советот на Општина Прилеп од редовите на СДСМ…
Почитувани, Неспособната и неодговорна локална власт на ДПМНЕ ги труе граѓаните на Прилеп! Со денови наназад, аерозагадувањето во градот е видливо со голо око. Екстремно загадениот воздух штипи и на очи, и на нос, и на грло. И додека во останатите градови кои ги мачи истиот проблем, градоначалниците бараат решенија за справување со загадениот воздух, на Борче Јовчески такво нешто не му паѓа на крај на памет. За Јовчески и за ДПМНЕ прилепчани немаат проблем со загадувањето, бидејќи мерните станици не покажуваат такво нешто. А не покажуваат бидејќи ги нема!
Почитувани сограѓани, Прилеп е единствениот град во Македонија кој нема мониторинг станици за мерење на квалитетот на воздухот, заради што не знаеме колкав е степенот на неговата загаденост. Но она што го знаеме е дека дишиме канцероген воздух, дека загадениот воздух секоја година одзема се’ поголем број животи и дека власта на ДПМНЕ, како на централно така и на локално ниво, ниту има намера ниту пак знае како да се справи со проблемот. Впрочем, Јовчески и ДПМНЕ ниту еднаш не проговорија на оваа тема и не покажаа грижа за здравјето на прилепчани. За тоа зборува и фактот дека не успеаја да ги реализираат средствата во висина од 1,5 милиони евра кои Владата на СДСМ ги оддели за изградба на фабрика за рециклирање на отпад и што дозволија ѓубриштето кај Алинци да гори и дополнително да загадува дури и во зима.
Ама чадот од депонијата не стасува до Австрија, каде градоначалникот Јовчески деновиве ги полни белите дробови со чист воздух. Истовремено, не смееме да заборавиме дека Ана Лашкоска е заменичка на министерот за животна средина. И што има направено таа за заштита и подобрување на животната средина на прилепчани? Баш ништо, или малку помалку од тоа! Господа од ДПМНЕ, прилепчани можеби ќе ви простат што градот е во темница. Што дупките по улиците прераснаа во кратери. Што орди кучиња демнат зад секој агол. Што ве изненади снегот во јануари. Што дивото градење доживува процут. Што градот го претворивте во паланка. Ама тоа што сте опасни по нивното здравје, што ги загрозувате нивните животи – сигурно нема да ви го простат!
Центар за комуникации со јавност
ОО СДСМ Прилеп