Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, го отфрли планот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на Палестинците од Појасот Газа, оценувајќи дека тој ќе биде залуден, јавува АФП. – Идиотските планови на Американците или други во врска со Газа и Палестина ќе бидат залудни, рече ајатолахот Хамнеи за време на состанокот во Техеран со лидерот на палестинскиот Исламски џихад, Зијад Нахал. Планот на Доналд Трамп предвидува разурнатиот Појас Газа да биде ставен под контрола на САД, а неговите 2,4 милиони жители да се преселат во Египет и Јордан. Планот предизвика гнев во меѓународната заедница, со предупредување од ОН дека тој ќе значи етничко чистење на палестинската територија.
Ниту еден план не може да се спроведе без договор на движењето на отпорот и народот на Газа, рече ајатолахот, додавајќи дека светското јавно мислење ги поддржува Палестинците. Техеран веќе го осуди предлогот на САД, нарекувајќи го „напад без преседан“ врз меѓународното право и Повелбата на ОН. Коментирајќи го договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, кој вклучува размена на заложници и затвореници меѓу двете страни, Хамнеи рече дека „оние кои пред една и пол година тврдеа дека го уништиле отпорот (Хамас) за кратко време, денес ги примаат своите затвореници во мали групи од рацете на борците на отпорот“. Тој додаде дека за возврат Израел ослободува „голем број палестински затвореници“.