Во Ватикан, подготовките се во полн ек за конклавата што започнува во среда, а работниците вчера го поставија церемонијалниот оџак на покривот на Систинската капела. Белиот чад од тој оџак ќе биде знак дека е избран 267-миот папа. „Конклавата ќе биде кратка“, изјави за „Еј-би-си њуз“ кардиналот Грегорио Роза Чавез од Ел Салвадор, кој верува дека на Црквата ѝ е потребен „Франциск 2“. „Мислам дека постои консензус и дека е многу јасно каков папа ни е потребен за Црквата и за светот. Затоа мислам дека конклавата ќе трае два или три дена.“
Чавез, кој има 82 години и не може да гласа, сепак присуствуваше на општите собранија во Ватикан оваа недела, каде што фаворитите веќе почнаа да се појавуваат. Повеќето кардинали од целиот свет веќе пристигнаа во Ватикан и секојдневно учествуваат на општите собранија – клучно време пред почетокот на конклавата, кога кардиналите држат говори, се запознаваат подобро и дискутираат каков папа сакаат. Тие сè уште не се затворени во конклавата, па затоа многумина може да се видат како излегуваат на плоштадот „Свети Петар“ меѓу јавноста по состаноците. Некои, како кардиналот Тимоти Долан од Њујорк, објавуваат дневни новости на социјалните медиуми, давајќи увид во древните црковни традиции.