Најмногу реализирани барања за извршување имало во судовите во Охрид, Струга и Дебар а најмалку во судовите во Кочани, Берово, Виница и Делчево. Од 2006 година заклучно со 2024 та, преку извршители се наплатени фантастични скоро 2,1 милијарда евра. Годишниот извештај на Комората на извршители покажува дека лани од должниците, фирми, граѓани и држава, биле наплатени 160,6 милиони евра со 44,15% реализација на извршните решенија, што претставува највисоко ниво од 2020-та година, пишува Порталб.мк. Во најава се нови законски измени кои треба да водат кон намалување на трошоците за извршување што ги плаќаат граѓаните. Речиси 880.000 евра повеќе наплатиле извршителите во 2024 во споредба со 2023 година од сите категории на должници – граѓани, фирми и од државата. Годишниот извештај на извршителите покажува дека лани од должниците биле наплатени 160,6 милиони евра. Споредбената анализа на податоците што ја направи „Порталб“ покажува дека за пет години наплатената сума е зголемена за 37,5 милиони евра.
Наплатена сума
2020 година – 123 163 000 е
2021 – 130 005 000 е
2022 – 144 350 000 е
2023 – 159 761 000 е
2024 – 160 637 000 е
Извор: Комора на извршители. Најголеми должници според наплатениот износ се компаниите со 84,3 милиони евра, од граѓаните присилно, преку извршители биле наплатени скоро 47 милиони евра а од државата 31,5 милиони евра.
Доверители Должници
Правни лица 127 383 000 е 84 335 000 е
Физички лица 33 340 000 е 46 934 000 е
Држава 2 074 000 е 31 500 000 е
Извор: Комора на извршители
Правните лица односно фирмите се појавуваат и како најголеми доверители кои лани од должниците наплатиле скоро 127,4 милиони евра, следуваат граѓаните со 33,3 милиони евра и државата со близу 2,1 милион евра. Компаративната анализа на податоците на „Порталб“ покажува дека во изминатите пет години, двојно се зголемил износот на наплатени средства од граѓаните, од 24,6 милиони евра во 2020 година на скоро 47 милиони евра во 2024 година. Од друга страна износот на наплатениот износ од правните лица е намален од 89,4 милиони евра на 84,3 милиони евра. Лани реализацијата на извршните барања изнесувала 44, 15% што е највисоко ниво од 2020 година. Најмногу реализирани барања за извршување имало во судовите во Охрид, Струга и Дебар а најмалку во судовите во Кочани, Берово, Виница и Делчево.
Во средината на 2023 година беа направени измени на Законот за извршување со кои оној момент кога износот на каматата ќе го достигне главниот долг (кредитот), пресметката застанува, односно сумата за каматата не може да го надмине главниот долг. Со ова ново решение беа опфатени и постапките за извршување кои беа во тек. За измените тогаш не гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица. Во меѓувреме Уставниот суд го укина застарувањето како можност за ненаплата на долговите а токму временската рамка за застарување требаше да ги заштити граѓаните од злоупотреби со „чување“ на предмети за кои потоа се пресметуваат енормни камати. Сега граѓанските активисти најавуваат иницијатива за нови законски измени со кои треба да се таргетираат адвокатите и нотарите како „алки“ во постапката за присилна наплата. Дел од извршителите се правдаа дека во високите трошоци за извршување што ги плаќаат граѓаните удел имаат адвокатските и нотарските тарифници. Евентуалните нови законски измени би биле надлежност на Министерството за правда.