Првиот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија, Изет Меџити, присуствуваше на државната церемонија по повод 17-годишнината од независноста на Република Косово, организирана од претседателката Вјоса Османи, претседателот на Собранието Глаук Коњуфца и премиерот Албин Курти.
Во реакција по овој настан, Меџити ја истакна историската важност на независноста на Косово, нарекувајќи ја „доказ за непокорниот дух на Албанците“ и пример на инспирација за сите Албанци, вклучително и за оние во Северна Македонија.
„Косово е приказна за триумфот на посветеноста и жртвата за слобода и градење држава. Во овие 17 години, Косово направи значајни чекори во зајакнувањето на институциите и напредокот кон интеграцијата во Европската Унија. Овој пат е инспирација и за нас во Северна Македонија, каде што Албанците беа и остануваат клучен фактор во демократскиот и европскиот развој на државата,“ изјави тој.
Меџити дополнително нагласи дека поддршката за Косово отсекогаш била и ќе остане непоколеблива, потенцирајќи ја важноста на тесната соработка меѓу двете земји.
Тесната соработка со Косово е должност и аманет од нашата заедничка историја. Само преку силни политички, економски и културни врски можеме да придонесеме за поодржлива, просперитетна и интегрирана иднина за целиот регион,“ додаде тој.
На крајот, Меџити ја честиташе Годишнината на независноста на Косово, изразувајќи желба „слободното знаме на Косово секогаш да се вее со гордост и достоинство“.