Со големо задоволство Ве информираме дека од печат излезе долгоочекуваното универзитетско издание на албански јазик, „Наследно право“, резултат на петгодишна работа на четворица истакнати и почитувани професори по граѓанско право: Арта Меро, Калитрина Зеколи Шаќири, Дејан Мицковиќ и Ангел Ристов. Оваа книга претставува значаен придонес во правната литература, нудејќи систематски, историски и современ пристап кон институтот на наследување. Посебно внимание е посветено на анализа на позитивното наследно законодавство на Република Северна Македонија, вклучувајќи ги предлозите содржани во Граѓанскиот законик, како и на историската традиција на албанското обичајно право и аспектите на шеријатското право.
Книгата обработува и актуелни теми како што се наследните договори – новитет во многу европски и англосаксонски правни системи како и електронскиот тестамент, кој денес е сè повеќе релевантен во дигиталната ера. Книгата има голема практична вредност, благодарение на:реални и хипотетички примери, модели на правни акти,детално коментирани судски случаи,импровизирани задачи што поттикнуваат критичка анализа. Преку овие елементи учебникот е неопходен студиски материјал и практикум за студентите од прв, втор и трет циклус студии, како и важен извор за истражувачи и практичари од областа.
Особено значајна новина е вклучувањето на преводот на албански јазик на Законот за наследување на Рм од 1996 година, подготвен од проф. д-р Арта Меро во соработка со студентите од втор циклус – граѓанско-правна насока при Правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа, за време на академската 2018/2019 година. Книгата „Наследно право“ е достапна за сите заинтересирани студенти, истражувачи и професионалци кои сакаат да стекнат длабинско разбирање на оваа значајна област на граѓанското право и да придонесат во понатамошниот развој на наследното право, како во национален простор, така и на меѓународно ниво.