Не е првпат преку вакви лажни вести во кои се злоупотребуваат имињата на јавни личности, да се мамат граѓани за да се соберат нивни лични податоци и да се „олеснат“ нивните сметки. Граѓаните мора многу да внимаваат на какви вести кликаат, за да не наседнат на измамите, пишува Вистиномер во написот кој го пренесуваме во целост: Анализираме објава на Фејсбук која го злоупотребува името на премиерот Христијан Мицкоски со цел да измами корисници на социјалната мрежа за пари. Иста таква објава го злоупотребува и името на министерот за економија Бесар Дурмиши. „Нов закон за граѓаните на Македонија!Ако сте над 30 години прочитајте го ова“, стои во објавата.
За објавите е злоупотребено и логото на веб-страницата на Канал 5 телевизија за да делува како вистинска вест и да ги намами следбениците да кликнат на неа. На сајтот на Канал 5 ваква вест не може да се најде. Ваква информација премиерот нема соопштено ниту пак вакво нешто може да се најде на официјалната веб-страница на Владата. Вистиномер провери за каква измама станува збор следејќи го линкот на објавата на Фејсбук. Тој ве носи на веб-страница erctaxcreditcompliace.net каде што е објавено наводно интервју со премиерот Христијан Мицкоски, кое го води новинарката Милка Смилевска и во кое премиерот наводно зборува за наводен процес на враќање на даноците со што секој граѓанин ќе може официјално да добие до 200 илјади македонски денари месечно.
Во лажното интервју кое е напишано со помош на Гугл транслејт, Мицкоски објаснува за некаков наводен систем преку кој граѓаните ќе ги добивале тие пари и притоа во неколку наврати го спомнува системот Приме Аурора до кој има и линк. Доколку стиснете на линкот, ќе видите дека станува збор за измама со криптовалути и онлајн тргување.
Очигледно целта на оваа измама е да собере ваши лични податоци и да ве натера да „вложите“ 15,000 денари, односно да ви украде пари, имајќи предвид дека во лажното интервју со Мицкоски на неколку места се спомнува сумата од 15 илјади денари.
Не е прв пат преку вакви лажни вести во кои се злоупотребуваат имињата на јавни личности, да се мамат граѓани за да се соберат нивни лични податоци и да се „олеснат“ нивните сметки. Граѓаните мора многу да внимаваат на какви вести кликаат, за да не наседнат на измамите. Поради сето наведено, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистинита. Извор: Новинска агенција МЕТА