Годишните билети за јавен превоз во Тетово се движат од 2.500 денари до 9.000 денари, во зависност од категоријата. Лажен профил на Фејсбук во име на Јавното претпријатие „Тетово Транспорт“ тврди дека нуди билети за 12 месеци за 145 денари. Општина Тетово и транспортната компанија го демантираа ова како невистина, пишува Порталб.мк во својата рецензија на објавата. Во лажната објава на социјалната мрежа пишува: „Бесплатен превоз за жителите на Тетово! Градското собрание организира натпревар во 2025 година и нуди смарт-картичка за транспорт во Тетово со важност од 12 месеци за само 145 денари! Земете нова картичка и уживајте во 12 месеци неограничено патување за само 145 МКД! Побрзајте, само 200 картички за транспорт по специјална цена од 145 МКД! Кликнете на линкот за да дознаете повеќе!”
За оваа објава да биде уште поубедлива, дури има и коментари од лажни профили кои пишуваат:„- Што треба да направам за да ја добијам картичката?-Ви благодариме за оваа промоција! Нашето семејство е во тешка финансиска состојба, а вие ни помагате да заштедиме!
-Картичката пристигна пред неколку дена и веќе ја тестирав, работи.“ Јавното претпријатие „Тетовo транспорт“ и Општина Тетово демантираат дека објавата е вистинита. Со заедничко соопштение овие две институции ги повикаа граѓаните да не подлегнуваат на измами и да ги следат официјалните информативни канали на двете институции. „Ве известуваме дека е создадена лажна страница на Фејсбук која шири невистинити информации во име на ЈП “Тетовo Транспорт”. Ве повикуваме да не станувате жртви на дезинформации и да добивате точни информации само преку нашите официјални канали. Дополнително, ве информираме дека ЈП “Тетовo Транспорт” – Тетово не организира никакви наградни игри“, се вели во соопштението.
Институциите ги повикаа граѓаните да ја пријават секоја сомнителна страница која шири погрешни информации и да ги известат доколку наидат на ваква или слична содржина. Годишните билети за јавен превоз во Тетово се движат од 2.500 денари до 9.000 денари, во зависност од категоријата, а се детално опишани на веб-страната на компанијата. Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Извор: Новинска агенцуја МЕТА