Градот Димона се наоѓа во јужниот дел на Израел, во пустината Негев, и чува една јавна тајна. За да се разбере за што станува збор, доволен е само еден поглед на Гугл Мапс (Google Maps): на неколку километри оддалеченост се наоѓа место означено како „Центар за нуклеарни истражувања Негев“.А бидејќи Израел со поддршка од САД во последните денови ги нападна иранските нуклеарни постројки, Димона наводно беше една од целите на иранските ракети и дронови. Израел, исто така, има своја нуклеарна програма. Уште една јавна тајна е дека земјата поседува и нуклеарно оружје.
„Нема причина за загриженост“
Во Димона, со околу 43.000 жители, луѓето зборуваат за Центарот за нуклеарни истражувања само скришно. Кодното име е: „текстилната фабрика“. „Ние не сме одговорни за тоа, надлежна е текстилната фабрика“, вели градоначалникот на Димона, Бенјамин Битон. „Тие имаат свои луѓе, свои теми. Не информираат редовно. Но можам сите да ги смирам: Фала му на Бога, Димона е многу, многу безбеден град. Нема причина за загриженост.“
Поради војната, градската администрација на Битон се преселила: оперативниот центар сега се наоѓа во нова зграда што всушност е надземен бункер. Градоначалникот со гордост ги покажува големите екрани на кои можат да се видат снимки од 600 камери поставени низ градот.Со притискање на копче, Битон добива информации во случај на ракетен напад: „Ова е мојот оперативен центар. Секое утро сите раководители на администрацијата се собираат тука.“ На состаноците учествуваат и војската, итната помош и социјалната служба. Канцелариите на вработените се веднаш до центарот. „Во првите 48 часа јас сум главниот – јас сум и министер за одбрана и премиер.“
Битон е роден во Димона. Последниве денови, поради ракетните напади, речиси и не спиел.
Стратешко значење во време на меѓународни кризи
И Даниела, која живее веќе 27 години во Димона, чувствува последици. Потекнува од Крефелд (Германија), но со текот на времето научила да живее со реалноста во Димона. Од 7 октомври секогаш носи мал ранец со себе. Во него: два пасоша, малку накит, мало фото-албумче, лекови за еден и пол месец и облека за пресоблекување. „Секогаш го носам со себе. Никогаш не знаеш кога и што ќе се случи, ниту колку време ќе мора да останеш некаде. Тажно е, но без тој мал ранец не излегувам од дома.“
Даниела влегува во трговски центар – најблискиот бункер е веднаш зад аголот. На небото, малку подалеку, лета цепелин со опрема за надзор. За местото кое последниве денови речиси сигурно беше цел на иранските ракети, не сака да зборува: „Кога има меѓународни кризи, ова место секогаш е стратешки многу интересно.“ Од друга страна, чувствува дека е безбедна. „Не можеш ни да се закашлаш овде, а да не биде забележано“, вели таа.
Највисоко ниво на безбедност
Градоначалникот Битон има големи планови за градот. Во наредните десет години, бројот на жители треба двојно да се зголеми. Димона, според него, не е интересна само за вработените во „текстилната фабрика“ – односно нуклеарниот истражувачки центар. „Ќе кажам само она што можам: некои граѓани или нивните родители работат таму и се сосема смирени.“
Нема причина за паника, уверува Битон. „Овој објект постои од 1960-тите. Гордост ни е. За нас е многу важен и не пречи никому.“ Според него, прашањето е медиумски пренагласено: „Сите сме сосема смирени – и јас како градоначалник, и граѓаните. Знам навистина многу, и можам да ве уверам дека сè е во ред.“
Барем засега, во Димона успеале релативно добро да го пребродат конфликтот меѓу Израел и Иран. Но околу Центарот за нуклеарни истражувања – дел од израелската нуклеарна програма – сè уште важи највисоко ниво на безбедност. А таму, тој објект и понатаму го нарекуваат „текстилната фабрика“.
Извор: Дојче веле