Израелската противвоздушна одбрана пресретна уште една балистичка ракета лансирана кон Израел од Јемен, соопшти израелската војска, што е втор ваков инцидент во изминатите неколку часа, пренесува Танјуг. Ниту една сирена не била активирана „според протоколот“, се вели во соопштението, бидејќи ниту еден град не бил загрозен.
Израелската војска претходно утринава соопшти дека пресретнала ракета лансирана од Јемен кон Израел, откако во неколку области се огласиле сирените за воздушен напад. Во моментов нема извештаи за повредени или материјална штета во овие напади, пишува Тајмс оф Израел. Јеменските бунтовници Хути, поврзани со Иран, продолжија да истрелуваат ракети врз Израел, како што велат, знак на солидарност со Палестинците во Газа, откако најавија прекин на нападите врз американските бродови. Израел изведува напади врз Јемен како одговор, а нападот на 6 мај го оштети главниот аеродром во Јемен во Сана и уби неколку луѓе, пишува порталот.