Израелските власти официјално ги демантираа изјавите на сопствениот амбасадор во Украина, Михаил Бродски, кој тврдеше дека Израел ѝ испорачал ракетни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ на Украина, пренесе „Тајмс оф Израел“.
„Тоа не е точно, Израел не ѝ дал такви системи на Украина“, соопшти Министерството како одговор на новинарско прашање. Според дел од израелските медиуми, Русија побарала официјално појаснување од Израел поради изјавата на амбасадорот во Киев, што го поттикнало и демантот. Бродски пред два дена изјави дека Израел ги префрлил во Киев системите за противвоздушна одбрана „Патриот“ што ги добил од Соединетите Американски Држави на почетокот на 90-тите години.
„На почетокот на 90-тите, кога се водеше првата војна во Заливот, ги добивме системите „Патриот“ од САД. Тие сега се во Украина, каде што се договоривме да ги пренесеме“, рече израелскиот амбасадор, пренесен од украинските медиуми.