По 498 дена заробеништво во Појасот Газа, израелските заложници Сагуи Декел Чен, Саша Труфанов и Јаир Хорн, кои беа заробени од членовите на Хамас и Исламски џихад на 7 октомври 2023 година, беа ослободени вчера во Кан Јунис како дел од договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Како дел од договорот ,Израел ослободи 369 палестински затвореници.

Хамас соопшти дека САД, како посредник во преговорите за прекин на огнот во Газа, мора да се погрижат Израел да ги исполни условите од договорот за да овозможи ослободување на заложниците кои се уште се држат на палестинска територија. Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас досега овозможи шест акции за ослободување, во кои Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) посредуваше во враќањето на 24 израелски заложници и 985 палестински затвореници. Во исто време, израелската армија продолжува со операциите низ Западниот Брег. Уапсени се неколку Палестинци. Во меѓувреме израелската армија продолжи со нови напади јужен Либан. И покрај прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах, израелските сили извршија напад со беспилотно летало врз градот Јарјух во јужен Либан, при што загинаа три лица, а пет беа ранети, соопшти либанската цивилна одбрана.

фото: EPA-EFE/GIL COHEN-MAGEN / POOL
Израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич изјави дека Израел активно комуницира со Вашингтон за да разговара за спроведувањето на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на Палестинците од енклавата и претворање на Газа во „ривиера на Блискиот Исток“ и рече дека процесот на емиграција од Газа ќе започне во наредните недели. На овие најави на Израел реагираа речиси сите арапски и дел од европските држави кои се спротиставуваат на раселувањето на Палестинците од своите домови, најавуваат дека нема да дозволат спроведување на овој израелски план.