Израел го прифати предлогот на пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, за привремен прекин на огнот во Појасот Газа за време на Рамазан и Пасха, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху само неколку часа по истекот на првата фаза од претходно договорениот прекин на борбените дејствија. Првиот ден, според планот предложен од Виткоф, ќе бидат ослободени половина од заложниците држени во Газа, а останатите откако ќе се договори траен прекин на огнот, соопштиија од кабинетот.
Оттаму додаваат дека Виткоф предложил продолжување на сегашниот прекин на огнот откако сфати дека е потребно повеќе време за да се преговара за траен прекин на огнот. Вчера, портпаролот на палестинската група Хамас, Хазем Касем, изјави дека ја отфрла израелската „формулација“ за продолжување на првата фаза од примирјето во Газа, но не го спомна експлицитно планот на Виткоф. Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека Израел веднаш ќе започне преговори за планот на Виткоф доколку Хамас го прифати.