Американскиот весник „Њујорк тајмс“ објави дека стои зад својот извештај дека Израел има намера да го нападне Иран, со цел да ги попречи преговорите меѓу САД и Иран за збогатување на ураниум. Една од клучните пречки во преговорите меѓу американските и иранските претставници е барањето на Вашингтон Иран да се откаже од збогатувањето на ураниум, што Техеран категорично го отфрла. Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дек го предупредил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не презема никакви чекори што би можеле да ги попречат преговорите со Иран за нуклеарниот договор.
Му реков дека тоа би било несоодветно во овој момент бидејќи сме многу блиску до решение“, изјави Трамп.

Израел претходно го отфрли извештајот на „Њујорк тајмс“ во кој се тврдеше дека Нетанјаху се заканил дека ќе ги попречи разговорите меѓу САД и Иран со напад врз главните ирански постројки за збогатување ураниум. Повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата, американскиот весник објави дека израелските власти стравуваат дека Трамп сака да постигне договор по секоја цена со Техеран и би можел да му дозволи на Иран да ги задржи клучните нуклеарни постројки – што е неприфатливо за Израел. Од особена загриженост во Израел е можноста за привремен договор што би му дозволил на Иран да продолжи да ги користи своите нуклеарни постројки со месеци или дури години додека не се постигне конечен договор.

Според истиот извештај на „Њујорк тајмс“, американските претставници се загрижени дека Израел би можел да започне напад врз Иран без предупредување. Проценките на американските разузнавачки служби велат дека Израел би можел да започне напад во рок од само седум часа. Канцеларијата на израелскиот премиер реагираше на тој извештај, нарекувајќи ги таквите тврдења „лажни вести“. Од „Њујорк тајмс“ одговорија дека весникот стои зад објавената содржина.
„Нашето известување за ова прашање се базира на разговори со луѓе кои се директно запознаени со ситуацијата. Уверени сме во она што го објавивме“, изјави претсавникот на весникот.

Според „Њујорк тајмс“, израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер и шефот на Мосад, Дејвид Барнеа, се сретнале со специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, во Рим минатата недела. Потоа отпатувале за Вашингтон каде што во понеделник одржале состанок со директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, а Дермер повторно се сретнал со Виткоф во вторник. Секретарката за внатрешна безбедност на САД, Кристи Ноем, во понеделник изјави дека имала „многу искрен разговор“ со Нетанјаху за разговорите. Таа, исто така, рече дека Трамп ѝ наложил да му пренесе на премиерот на Израел дека „ е најважно да се остави процесот на преговори да продолжи“.