„Во тек е масивен сајбернапад врз мрежата Икс“, објави денеска сопственикот на социјалната мрежа, милијардерот и политичар во обид Илон Маск, по неколкучасовните проблеми со пристапот до платформата што ја користат илјадници корисници. Маск ја објави оваа порака во коментар на друга објава. -Секојдневно нè напаѓаат, но овој напад беше организиран со многу ресурси. Има голема координирана група или некоја земја вклучена… ние го следиме тоа, додаде Маск. Илјадници корисници се соочуваат со проблеми со пристап до мрежата „Икс“ на веб-страницата и на мобилната апликација. Врвот на прекините, според референтниот портал Downdetector.com, бил достигнат утрово околу 10 часот по локално време на источниот брег на САД (15 часот по средноевропско време), кога речиси 40.000 луѓе пријавиле прекини на услугата. Тој број значително се намали, а потоа повторно се зголеми на околу 35.000 три часа подоцна пред повторно да падне.
Нешто подоцна, во интервју за „Фокс“, Маск откри и кого смета за одговорен за хакерскиот напад врз неговата мрежа. „Па, не сме сигурни што точно се случи, но имаше масивен сајбернапад во обид да се урне платформата на системот „Икс“ со ИП-адреси кои потекнуваат од Украина“, рече Маск во интервјуто, изнесувајќи неверојатно сценарио во кое хакерите кои успеале да нападнат мрежа како „Икс“, а притоа биле наивни до степен да не ги сокријат ИП-адресите. Маск додаде дека тоа можело да биде само дело на „координирана група од странска земја“. Социјалната мрежа, која порано се викаше „Твитер“, имаше бројни пропусти откако Маск ја купи кон крајот на 2022 година, по што отпушти околу три четвртини од вработените.