На синоќешното емитување на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува со Вашиот градоначалник“, гостуваше градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски. Тој зборуваше за она што го наследиле, но и за успехот да ја стабилизираат општината, односно таа да биде без долгови. „Наследивме општина со долгови, наследивме општина без проекти со лоша инфраструктура, училишни објекти во лоша состојба. Успеавме да ја доведеме општината на здрави нозе, во моментов немаме долгови, проектите коишто ги започнавме се со наши средства“, истакна Илиевски. Во однос на проектите кои биле реализирани до сега, Илиевски се осврна на образованието, културата, спортот и примарната и секундарната инфраструктура.
„Завршивме преку 20 улици во вредност од 90 милиони денари, канализациона и водоводна мрежа имаме над 10 илјади метри низ нашата општина. Во делот на образованието направивме реконструкција на 8 училишта, ја реконструиравме салата во село Брвеница, реконструкција и на фудбалскиот терен. До крајот на мандатот имаме за цел да нема улица без асфалт“, потенцираше Илиевски. Градоначалникот изрази голема благодарност до Владата која ги помага финансиски општините. Како што рече тој, за општини како што е Брвеница оваа помош е од огромно значење.
„За нас и помалите општини, оваа помош од Владата е од огромно значење. Децениските прашања кои не се решени во нашите помали општини, со овие проекти ги решаваме. Околу 50% од инфраструктурните проекти ги решаваме со помош на Владата. Повторно потенцирам, од огромно значење е овој проект. Фекална канализација, водовод, инфраструктура, еве и спортската сала, проширување на градинките се решаваат со овој повик“, дециден беше Илиевски. Илиевски истакна дека општина Брвеница има аплицирано со 6 проекти со вредност од 40 милиони денари, додека во вториот повик аплицираат со 9 проекти во вредност од 113 милиони денари. Тој заклучи дека Брвеница се развива подеднакво на секое поле.
Со почит, Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ