Портпаролката на Белата куќа Каролина Ливит најави дека истрагата за скандалот со пораките, каде што се споделуваа тајни информации на апликацијата Сигнал, меѓу другите ќе ја води и милијардерот Илон Маск.
„Советот за национална безбедност и одделот предводен од Маск ќе ја водат истрагата за оваа ситуација. Маск веќе понуди неговите експерти да утврдат како непознатиот број влегол во овој разговор“, рече Ливит. Секако, вмешаноста на Маск во истрагата за оваа ситуација наиде на многу критики, имајќи предвид дека тој е еден од најблиските соработници на американскиот претседател Доналд Трамп, но и еден од неговите најголеми донатори. Скандалот изби кога новинарот Џефри Голдберг објави детали од разговорот на апликацијата Сигнал, каде најблиските соработници на американскиот претседател споделија, меѓу другото, тајни информации за американскиот напад врз групата Хути.
Иако Белата куќа тврди дека е скандал што на овој разговор е додадена и Голдберг, безбедносните експерти велат дека многу поконтроверзно е што одредени информации биле споделени во апликација која не е наменета за споделување на такви податоци. Да потсетиме, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет и другите од овој разговор тврдеа дека е грешка што Голдберг бил во разговорот, но дека „ништо тајно не било споделено“. Меѓутоа, Голдберг потоа го објави вториот дел од разговорот во нов текст, на кој јасно се гледа како Хегсет споделува точни информации за тоа кога американските авиони тргнуваат во акција за бомбардирање на позициите на Хутите во Јемен и какво оружје користат. Демократите, како и некои републиканци, побараа од Трамп да ги отпушти Хегсет и советникот за национална безбедност Мајк Волц. Сепак, и покрај фактот дека ова е еден од најголемите скандали во историјата на САД, Трамп во моментов ја отфрла можноста за отпуштање на сите вклучени во оваа ситуација.