Дали постоел видео-надзор во изгорената дискотека што 13 години работела на диво „Пулс“ и во која животот го загубија 59 лица? Од обвинителството на ова наше прашање велат дека во оваа фаза од постапката нема да споделуваат такви детали. Според наши извори од Кочани сигурно е дека имало видео-надзор на објектот што се наоѓал во непосредна близина на диско клубот кој го снимал влезот од кабарето. На снимките од мобилен телефон пак од дел од посетителите, кои што се проширија на социјалните мрежи, се гледа дека во првите минути од избивањето на пламенот над сцената се качува некој со противпожарен апарат кој дополнително го разгорува пламенот и чадот.
За него се шпекулира дека е неформалниот сопственик на дискотеката, Дејан Јованов – Деко. Барем два извори за најмалку два медиуми тврдат дека тој противпожарен апарат што го користел Јованов на бината, бил несоодветен, односно дека бил наменет за гаснење екектрични уреди под напон и дека се препорачувал за користење во електро разводни кутии, телекомуникациони централи, лабаратории, компјутерски центри, а не во распламтен оган. Вештачењата ќе покажат дали ова е вистина. Емисијата „Код“ во неделата објави дека во Кочани се шпекулира и со тефтерот на газдата. Имено, тој во тефтер ги запишувал сите на кои што низ годините им давал мито за неговиот бизнис да функционира.