Уапсениот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, денеска ги повика граѓаните на Турција да не губат надеж и да ја објават на целиот свет својата борба за демократија и правда. Имамоглу на платформата Х напиша дека „стои исправено“, дека „никогаш нема да се наведнува“ и дека „се ќе биде одлично“. „Драги мои луѓе, никогаш не бидете тажни, никогаш не очајувајте, никогаш не губете надеж. Ние, рака под рака, ќе го извлечеме овој удар, оваа црна дамка на нашата демократија. Се ближи денот кога луѓето кои раководат со овој процес ќе одговараат пред семоќниот творец, и во овој свет и во другиот“, напиша Имамоглу.
Турскиот суд утринава одлучи уапсениот градоначалник на Истанбул да остане во притвор до судењето кое претходно го побараа обвинителите. Градоначалникот на Анкара, Мансур Јаваш, од истата опозициска Републиканска народна партија (ЦХП), рече дека одлуката во врска со Имамоглу е срам за правосудниот систем. Имамоглу беше уапсен во средата како дел од истрагата за наводни случаи на корупција и тероризам, неколку дена пред да се очекува да биде номиниран за претседателски кандидат на опозициската Републиканска народна партија на денешните прелиминарни избори, што предизвика големо незадоволство кај опозицијата и протести против одлуката во Истанбул и други градови. Тој ги негираше обвинувањата, нарекувајќи ги „незамисливи обвинувања и клевети“.