АД „Гранит“, најголемата градежна компанија во земјава, „увезе“ триесетина работници од Индија, кои од март годинава се ангажирани како возачи на камиони и друга механизација. Увозот на работници од далечните источни земји не го решава проблемот со недостиг на работна рака во градежниот сектор, туку само го ублажува, вели за „Слободен печат“ Андреа Серафимовски, генерален директор на „Гранит АД Скопје“. Најголемата градежна компанија во земјава „увезе“ триесетина работници од Индија, кои од март годинава се ангажирани како возачи на камиони и друга механизација. Според Серафимовски, на овој потег биле принудени поради постојаниот одлив на вакви кадри, а за нив било крајно непродуктивно механизација вредна илјадници евра да им стои во место.
– И градежништвото се соочува со недостиг од секакви кадри, вклучително и на возачи. Во изминатиов период се случуваше ангажираниот работник само да го остави клучот на маса и да си замине, што е недозволиво. Механизацијата стоеше неискористена, а ние веќе наголемо работиме на патот Кичево – Охрид. Токму поради тоа вработивме триесетина возачи од Индија. Ова не го решава стопроцентно недостигот од работници од сите профили во секторот, а проблемите ги решаваме во од – објаснува Серафимовски.
Директорот на „Гранит“ додава дека имале голем проблем со обезбедувањето на потребната документација и на дозволите, па поради административната бирократија, Индијците наместо во септември, пристигнале дури во март. Според Законот за странци и Законот за вработување и работа на странци, пристапот до пазар на труд (работа/вработување) на странец во земјава може да се оствари врз основа на: издадено решение за регулиран престој по основ работа (постапка пред МВР, во рамките на која АВРСМ издава мислење за состојбата на пазарот на труд и искористеност на квотата) и работна дозвола за категоријата странци, кои по друга основа веќе имаат регулирано престој во Република Македонија (се издава во постапка пред АВРСМ).
– Ова се вредни луѓе, обезбедивме сместување за нив, а работните обврски им ги пренесуваат дел од нивните колеги, кои знаат и разбираат англиски јазик – додава Серафимовски. Според податоците на Агенцијата за вработување, во моментот се потребни дури 314 возачи на камиони, 169 возачи на товарни моторни возила, 84 градежни инженери, 118 градежни работници и 69 ракувачи со градежни машини. До крајот на октомври лани биле издадени 5.000 позитивни мислења од Агенцијата за вработување за странски државјани, а годишната квота е 20.000. Претседателот на Синдикатот за градежништво Иван Пешевски во неколку наврати рече дека за првпат лани бројот на работници во овој сектор паднал под 50.000.
– Треба да се знае дека голем дел од работниците не се селат од една во друга компанија, туку си заминаа од државата. Тоа е поразителна бројка. Она што го гледаме на терен, не покажува дека увезените работници се попродуктивни од нашите, туку присилно надополнување на недостигот од работна сила – вели Пешевски. Според претседателот на СГИП, ако во изградбата на коридорите 8 и 10 биле ангажирани домашните компании, тоа ќе значело работа за нив во следните 10 години. – Повеќе од 90 отсто од колачот што се двои за градежништво, завршува во странски компании и затоа домашните фирми не можат да ги задржат своите работници – рече Пешевски.