Во новиот Предлог-закон за енергетика, кој на 22 април влегува во собраниска процедура, Владата предлага контроверзни одредби со кои се овозможува издавање на фактури за потрошена електрична енергија врз основа на претпоставена, а не реално измерена потрошувачка- велат од Здружението на инженери на Македонија. -Апелираме до пратениците и Министерството за енергетика да ги отстранат некоректните одредби од предлог Законот за енергетика за да се обезбедат фер, прецизни и транспарентни фактурирања, исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка на електрична енергија. Граѓаните не смеат да бидат жртви на проценки и математички грешки што причинуваат штета од илјадници денари за нивниот семеен буџет
Во новиот Предлог-закон за енергетика, кој на 22 април влегува во собраниска процедура, Владата предлага контроверзни одредби со кои се овозможува издавање на фактури за потрошена електрична енергија врз основа на претпоставена, а не реално измерена потрошувачка. Со вакви измени се озаконува досегашната практика на паушално фактурирање, која стана особено проблематична по воведувањето на ценовните блокови за скапата струја од 1 јули 2022 година. При нередовно читање на броилата, потрошувачите неретко се распределуваат во погрешни ценовни блокови, што резултира со зголемени сметки и неоправдани наплати.
Нашите пресметки покажуваат дека дури и ±10% грешка при проценката на потрошувачката може да предизвика разлика во наплатата до 8.000 денари годишно по домаќинство. Со оглед дека во државата има 598.632 домаќинства, а ЕВН располага со 915.492 броила, ова претставува сериозен удар врз џебот на граѓаните и можност за милионски профити на штета на јавниот интерес. Иако Регулаторната комисија за енергетика веќе потврди дека ваквите проценки носат штета за потрошувачите и започна процес за измени на Правилата за снабдување со електрична енергија, Владата оди во спротивна насока. Со одредбите во Глава VIII од новиот закон – иронично насловена „Заштита на потрошувачите” – се предвидува озаконување на паушалното фактурирање преку член 185, став 2 и став 4, точка 2.
Особено загрижувачки е што Владата го носи законот со европско знаменце, повикувајќи се на усогласување со ЕУ директивата CELEX: 32019L0944, која никаде не предвидува дозвола за фактурирање со претпоставена потрошувачка. Дополнително, овие одредби не се содржани ниту во претходните верзии на законот објавени на платформата ЕНЕР. Апелираме до пратениците и Министерството за енергетика да ги отфрлат овие одредби и со амандмани: да се избрише став 2 од членот 185, а од ставот 4, точка 2, да се отстрани вториот дел од реченицата. Бараме фер, прецизно и транспарентно фактурирање, исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка. Граѓаните не смеат да бидат жртви на проценки и математички грешки што причинуваат штета од илјадници денари за нивниот семеен буџет- стои во соопштението од ИНРМ.