Врз основа на неодамнешна јавна изјава на министерката за енергетика дека веднаш по стапувањето на функција затекнала ситуација каде државата со 15 годишен договор за закуп на преносен капацитет на гас е обврзана да плаќа месечно по 300.000 евра, или вкупно ќе треба да платиме 54 милиони евра за преносен капацитет кој не се користи, се отвора прашањето: Дали Обвинителство ќе преземе мерки за утврдување на евентуална кривична одговорност за несовесно работење во службата по член 353-в и за непријавување кривично дело или сторител по член 364 од Кривичниот законик поради континуираното плаќање на значителни буџетски средства без никаква корист за граѓаните?
Се работи за закуп на правото на користење на дел од гасоводната мрежа за транспорт на природен гас чиј капацитет треба да биде 1,8 TWh годишно во период од 15 години за што како држава веќе една година плаќаме по 300.000 евра месечно иако тој капацитет не се користи. Ова значи дека досега се потрошени најмалку 3,6 милиони евра, со обврска да се исплатат вкупно 54 милиони евра во наредните години, а притоа без било каква јасна правна, енергетска или економска оправданост. Со оглед на сериозноста на изјавата и штетните последици по јавниот интерес и буџетот на државата, сметаме дека обвинителството има и правна и морална обврска да постапи, да отвори предмет и да ја информира јавноста дали и какви дејствија се преземаат за утврдување на евентуална одговорност на надлежните лица кои го склучиле договорот, како и на оние кои знаеле, а не пријавиле. Јавноста има право да знае дали институциите го штитат јавниот интерес или дозволуваат тивко трошење милиони евра народни пари, без никаква одговорност.