По барање на Основното Јавно Обвинителство за координиран надзор, денеска екипите од Секторот Инспекторат од Општина Карпош спроведоа акција во населбата Злокуќани. Имено, комуналните редари во придружба со раководителот на Секторот, општинските инспектори за животна средина, комуналниот и градежниот инспектор излегоа на теренот и ги мапираа хаварисаните возила, на кои поставија налепница со известување, каде беа директно предупредени сопствениците, дека мораат да ги отстранат своите отпадните возила во рок од 10 дена.
Притоа, инспекцискиот тим од Карпош изврши надзор и врз автомеханичарските работилници и диви отпади, каде што беше затекнат градежен шут и друг отпад на јавната површина. Во текот на вршење на надзорот беа присутни и служби од Општина Карпош кои го расчистуваа отпадот од јавната површина, по должина на ул. Скупи и во внатрешниот дел на урбаната заедница Злокуќани. Како дел од логистичката поддршка на оваа акција беа инволвирани и униформирани полициски службеници од Полициската станица Карпош. Во рамки на надзорот беа составени прекршочни платни налози на физички лица, заради спротивно постапување на Законот за јавна чистота, а оттука за правните субјекти ќе биде покрената и инспекциска постапка од страна на соодветните инспектори.




