Унијата на здруженија, предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – „За нас“, за актуелните случувања на Детската клиника, по „тврдењата за нестручно однесување на медицинска сестра со новороденче“, денеска ги повика релевантните институции да приложат докази за разрешување на случајот.
– Во нашата земја во моментов работат околу 9.200 медицински сестри. Оваа хумана фела одговорно и пожртвувано работи во јавниот здравствен систем и не заслужува да се фрла дамка на сестринската професија поради недокажани инциденти. Затоа од име на Унијата на медицински сестри, упатувам реакција и ја повикувам стручната комисија, јавно да се произнесе со факти и одговорноста да ја насочат кон конкретниот виновник – наведува во писмена изјава претседателката Гордана Бешлиовска.
Министерот за здравство Арбен Таравари и директорот на Клиниката за детски болести во Скопје, Реџеп Мемеди пред два дена најавија дека ќе се формира комисија која ќе го истражува случајот со тримесечното бебе од Сарај за кое родителите тврдеа дека го повредила медицинска сестра од Детската клиника.