Најважно нешто од вчерашниот изборен ден е фактот што имавме мирна и демократска атмосфера а со тоа и демократско одржани избори. Граѓаните со своето гласање го канаизираа незадоволството од досегашната власт и на демократски начин успеаја да ја победат 30 годишната партизирана држава со пенкало в рака. Сепак, ни престои турбулентен период за државата и затоа неопходно е политичко обединување а ВМРО-ДПМНЕ го има целиот легитимитет и интегритет за носење одлуки од национален интерес. Ова го истакна политичкиот аналитичар Милан Стефановски при неговото гостување во утринската емисија на „Слободен печат“.
– Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се свесни дека поддршката доаѓа од кампус на луѓе кои се разочарани од недостаток на правна држава. Се разочарани од тоа што за овие седум години на владеење на СДСМ принципот на неказнивост беше на најголеми можни граници а борбата против корупцијата изостануваше, односно не ни постоеше во една крајна линија. И тие три фактори кои во анкетите на граѓаните најмногу им недостасуваше, следеше и одговорот. Односно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тоа и го кажа во својот говор. Го кажа она што сакаат да го слушнат граѓаните и тоа треба да очекуваат граѓаните. А тоа е дека треба да има ревносна борба против корупцијата и организираниот криминал. Но, во втората фаза од реалноста, односно од реалполитиката следи и прашањето како понатака во меѓународните односи и пораките што со договорите кои ја трасираат Македонија кон европскиот пат. Како со соседите и слично – вели Стафановски.
Стефановски објаснува дека ВМРО-ДПМНЕ ги исполнува условите да направи комотна коалиција и при тоа лесно да го формира новиот владин кабинет. Но прашањето е не е дали оваа партија ќе има комотна коалиција туку прашањето е дали ќе има прогресивна и принципиелна коалиција. Самите бројки укажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во состојба да ги диктира разговорите со коалиционите партнери. И во исто време ќе сака да прати порака до ДУИ дека тие први го нарушија принципот на мајскиот договор победник со победник од една страна и од друга страна, жестоката реторика меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ ги затвори сите елементи за можна идна соработка – појаснува Стефановски.