Ненад Георгиевски е, пред сè, музички новинар којшто скоро имаше промоции за двете негови книги излезени во печат „Ретки Птици” и „Press and Play: Reloaded”. Овие книги се базирани на интервјуа со локални и светски звучни имиња од доменот на музиката, како и збирка со есеи на тема музика, но во ова интервју се фокусираме и на неговите аспекти околу самата музика што не ги содржат неговите дела. Георгиевски има издадено уште две книги насловени „Музика и муабети” и „Уште музика, уште муабети”. Тој е долгогодишен соработник на порталот „All About Jazz” и ја води веб-страницата „Vintage Cafe”. Добитник е на наградата за публицистика„Мито Хаџи Василев-Јасмин” во 2023 година. Организатор е на филмскиот фестивал за музички документарни филмови Скопје Синема Сити, како и на многубројни изложби на фотографии. Работел и како преведувач за Мета.мк каде има преведено над 3.000 текстови, а ги има преведено и книгите „Моцарт” на Пол Џонсон, „Роберт Џонсон, кралот на блуз-музичарите” на Питер Гуралник, „Допир од Далечина” на Дебора Кертис и „Сериозно колку и вашиот живот” на Валери Вилмер. Ненад Георгиевски е новинар, автор, преведувач, организатор, вљубеник во музика, филм, книги, уметности и патувања.
Во ова интервју се осврнуваме директно на филозофските и функционални прашања за музиката, со изобилство на препорачана музика за слушање и доживување.
Што претставува за вас музиката и колку е важна културната трансформација што ја има направено Рокенрол музиката како своевремена револуција?
Музиката за мене е универзален јазик, медиум што ги надминува сите граници – културни, јазични и емоционални. Таа не е само звук, туку енергија, приказна и средство за трансформација. Во неа се содржани спомени, соништа и искуства, а преку неа се гради мост меѓу различни луѓе, култури и генерации.
Рокенролот, како револуција, остави трајна трага не само во музиката туку и во општеството. Неговата појава го прекина статус-квото, ја предизвика традицијата и ја отвори вратата за слободно изразување. Тој беше олицетворение на младешкиот дух, бунтот и желбата за промена. Преку текстовите, звуците и енергијата што ги носеше, рокенролот инспирираше движења за граѓански права, еднаквост и социјална правда.
Но, важно е да се напомене дека музиката не треба да се ограничува само на рокенролот. Џезот, на пример, ја има својата револуционерна улога, претставувајќи простор за експериментирање, слобода и уметничка иновација. Електронската музика, пак, донесе нови димензии во звучните пејзажи, ставајќи го технолошкиот напредок во служба на уметноста. Секој жанр има своја приказна и своја револуција, создавајќи мозаик што ја збогатува нашата културна историја. На крајот, музиката е потсетник за тоа дека промените почнуваат со идеи – идеи што ги носиме во себе и ги споделуваме со светот. Таа не само што ја одразува реалноста туку и ја обликува, поттикнувајќи нови перспективи и инспирација.
Што мислите за новите групи во „поп културата”? Повеќето луѓе- слушатели се согласуваат дека вистинската музика е од 60-тите до доцните 90-ти години, а новата музика од сите жанрови едноставно го нема тој драж и е „млака” без жарот на споменатиот период.
Новите групи се одраз на времето во кое живееме. Тие се производ на денешните технологии, култури и економски модели. Сепак, не може да се игнорира фактот дека дел од денешната поп култура е повеќе насочена кон комерцијален успех отколку кон автентичност и уметничка иновација. Тоа не значи дека нема квалитетна музика – само што таа можеби е потешко достапна во мноштвото на содржини што се излеваат. Интернетот и стриминг платформите овозможија глобална достапност на музиката, но и некој вид хомогенизација, што влијае на уникатноста. Голем дел од тоа што се нуди е типичен производ кој „ниту смрди, ниту мириса.“
Што се однесува до музиката од периодот од 60-тите па до 2000, таа беше посебна, бидејќи беше време на револуција во звукот и културата. Тогаш музиката беше тесно поврзана со големи општествени движења – било да се работи за борби за права, антивоени протести или хипи револуцијата, како и секое андерграунд движење. Секоја песна носеше порака што силно одекнуваше. Денешната музика, во многу случаи, е создадена во поинаков контекст – често е индустриски продукт насочен кон краткотрајна забава и брз профит. Сепак, тоа не значи дека во новата музика нема квалитет. Можеби некои од нас ја идеализираат музиката од минатото затоа што таа е поврзана со спомени и емоции. Тие песни се колективна носталгија за едно време кога музиката, можеби, изгледаше како поважен дел од нашето постоење. Во тој период музиката имаше поинакво место и значење, какво што денес го нема. Мислам и дека сегашната клима и не може да изнедри големи музички имиња со некаков импакт како што тоа беше случај во минатото.
Дали се согласувате дека моментално „сè е измешано во музиката”, дека се истанчи границата помеѓу „андерграундот” и „мејнстримот” до степен на нивна испомешаност под влијание на „гик-културата” и ефектите на глобалната пре-употреба на интернетот?
Се согласувам дека моментално границите помеѓу „андерграундот“ и „мејнстримот“ се значително избледени, и тоа е природен резултат на неколку културолошки и технолошки фактори. Тука е ефектот на глобализацијата преку интернетот – интернетот целосно го трансформираше начинот на кој ја консумираме музиката. Она што некогаш беше „андерграунд“ – достапно само преку мал круг ентузијасти и имаше одреден начин на самофинансирање– сега е на само еден клик од секој што има интернет пристап. Платформите како YouTube, Bandcamp и Spotify овозможија на артистите директно да стигнат до глобалната публика, со што тие повеќе не се ограничени на традиционалните патишта за успех, како големи издавачки куќи или радио станици.
Исто така, со подемот на гик-културата, што ја слави интерактивноста, носталгијата и миксот на жанрови, многу музички артисти почнаа да користат елементи што порано беа сметани за „ниша“ или „андерграунд“. Саундтраци од видео игри, филмски реминисценции и футуристички елементи од научната фантастика сега се интегрирани во мејнстрим проектите.
Секоја ера си носи судир меѓу генерации и со тоа неминовно некои жанрови застаруваат или одново заживуваат или се мешаат на начини на кои претходно би биле табу. Секој музички жанр е хибрид или мешавина од звуците и сфаќањата и емоциите на музичарите од тоа време. Сето тоа со тек на времето придонело за пад на старите жанровските ѕидови и или издигнувањена нови или нивно не-издигнување. Веројатно повеќе од кога и да е, музиката денес многу поретко се дефинира според жанрови. Еден артист може истовремено да биде и електронски продуцент, и хип-хоп изведувач, и рок музичар, со што ја укинува потребата од јасна поделба на „андерграунд“ и „мејнстрим“.
Исто така, се дојде до комерцијализација на „андерграунд“ вредностите. Тоа што некогаш беше автентичен израз на мал круг луѓе денес често се комодифицира и станува дел од мејнстримот. Големите брендови, на пример, го интегрираат „андерграунд“ стилот во своите кампањи за да изгледаат поавтентични или „кул“.
Се разбира, денешната „измешаност“ во музиката носи и позитивни и негативни ефекти. Од една страна, овозможува поголема инклузивност и слобода на изразување, но од друга, ја поставува опасноста од губење на автентичноста на „андерграунд“ сцената. Сепак, оваа динамика ја одразува еволуцијата на музиката како жив медиум што секогаш се адаптира кон времето и културниот контекст.
Од биографиите- книги за музички групи, која книга ви има оставено најдобар впечаток и зошто?
Музиката и нејзините автори не само што се дел од една поголема приказна, туку нивните искуства се огледало на времето во кое твореле. Биографиите и книгите за музичари и групи не само што нудат увид во нивните лични животи, туку и откриваат како социјалните, културните и технолошките промени влијаеле на нивната музика и на нив како личности.
Ме инспирира тоа како овие книги ни даваат одговори за креативниот процес, за подемите и падовите, за тоа како еден музичар или група ја менувале историјата со својата работа. Автобиографијата на Мајлс Дејвис, на пример, е сурово искрена приказна за генијалец кој постојано се реинвентирал, но и за човек што се соочувал со сопствените демони. Кит Ричардс во Life нуди уникатен увид во животот на рокенрол икона, со сите негови ексцеси, страсти и љубов кон музиката.
Од друга страна, книги како Океан од звук на Дејвид Туп нè водат на патување низ експерименталната електронска музика, покажувајќи ја нејзината трансформација од ниша до главен културен тек. Слично, книгите на Ешли Кан за Kind of Blue и A Love Supreme ја разоткриваат магијата на овие албуми, не само како музички ремек-дела, туку и како културни симболи на едно време.
Има премногу многу одлични книги за да влезат на еден список, но еве, овие се некои кои се најдраги. Документарците и книгите ги поврзувам со сликата на еден архивист што се обидува да зачува не само факти, туку и духот на времето. Тие ни ја доближуваат музиката не само како звук, туку како искуство што има моќ да трансформира, да инспирира и да ги објасни поголемите културолошки и човечки контексти. Кога читам книги или гледам документарци за музика, тоа е како да откривам тајни за тоа како се случила магијата. И секогаш е фасцинантно – како едно парче музика, напишано во специфичен контекст, продолжува да има моќ да допре до луѓе децении подоцна.
Од сите интервјуа што ги имате направено со музичари, кој соговорник најмногу ве изненадил позитивно? Дали имате некоја добра анегдота од таква средба и разговор?
Морам да признам дека немам лоши искуства со соговорниците – напротив, секое интервју носи свое задоволство и уникатно откритие. Но, ако треба да издвојам неколку посебни моменти, тоа би биле интервјуата со Влатко Стефановски, Дејвид Силвијан, Сакамото и Енди Самерс. Сите тие се не само извонредни уметници, туку и луѓе со длабока мисла и способност да ја артикулираат својата креативност на фасцинантен начин. Разговорите со нив се повеќе од интервјуа – тие се патувања во нивните светови, каде што ги откривате нијансите на инспирација и филозофија што ги движат.
Особено би ги издвоил интервјуата со Влатко Стефановски, кој секогаш ме воодушевува со својата интелигенција и начинот на кој се изразува, речиси како музички фрази. Неговата автобиографија што е во најава е нешто што со нетрпение го очекувам, бидејќи ќе биде уште еден прозорец во неговиот неверојатен ум – начин на размислување што го дели со својот брат Горан Стефановски, но изразен преку различен медиум.
Ако треба да издвојам анегдота, тоа е анегдотата со Енди Самерс, што всушност беше вистинска авантура. Кога дозна дека сум од Македонија, беше заинтригиран – во тој момент ја читаше книгата на Марина Абрамовиќ и тој детаљ дека земјава е поврзана со Југославија некако нè поврза. Сепак, неговиот категоричен став „нема да зборувам за Police“ ме изненади. Тоа е како да интервјуирате Пол Макартни, а тој да одбие да зборува за Битлси! Но, благодарение на неговите автобиографии и фотографската книга објавена од Ташен, успеав преку други прашања да ја откријам приказната што сакав да ја дознаам. Иако првично беше непредвидливо, на крајот интервјуто имаше среќен крај и стана едно од најчитаните интервјуа што сум ги направил.
Такви ситници има многу, бидејќи сите сме живи луѓе. Можеби најинтересните интервјуа се токму тие каде што сè започнува со тензична или непредвидлива атмосфера, а завршува сосема спротивно. Се сеќавам на една прилика кога требаше да направам интервју со саксофонистот Џејмс Картер, кој беше видливо изнервиран за време на пробата – буквално како вулкан на работ на експлозија. Ми даде само пет минути, со јасно чувство дека би сакал да завршиме што е можно побрзо.
Но, како што започнавме да разговараме и прашањата се отвораа едно по едно, времето почна да тече поинаку. Неговата возбуда и страст за музиката се надвладеаја над првичната раздразливост, и на крајот од интервјуто сфатив дека разговараме речиси 45 минути. Токму ваквите моменти потсетуваат дека музичарите – како и сите нас – се луѓе со свои емоции и предизвици, но кога ќе се допре вистинската тема или ќе се постави вистинското прашање, сè се менува.
Ова ми е еден од најдрагите примери за тоа како искреноста, слушањето и вистинскиот пристап можат да ја трансформираат секоја средба во исклучително искуство. Овие искуства ми ја потврдуваат важноста на искреноста, љубопитноста и отвореноста во секој разговор. Интервјуата не се само можност да ги запознаете уметниците, туку и да откриете делчиња од нивниот свет кои можат да инспирираат многумина.
Од сите места каде што сте пропатувале со работата во функција на музички новинар, каде бил најинтересен престојот?
Секој престој е уникатен и секое патување носи сопствена приказна. Кога патувам како музички новинар, искуството е многу повеќе од само концерт или интервју. Со тек на време, научив дека вистинската вредност е во поврзувањето на сите аспекти на културата и местото каде што сум. Сега пишувам за повеќе теми, не само музика – посетувам изложби, музеи, пробувам локална кујна, истражувам улична уметност и ја запознавам историјата на местата.
На пример, во градови како Њујорк, Барселона, Виена или Амстердам, едноставно не можете да се ограничите само на еден аспект. Овие места нудат „целосен пакет“ – уметност, историја, музика, архитектура, па дури и едноставните моменти, како кафе во локално бистро, се дел од уникатното искуство.
Искуствата од Белград или Нови Сад, на пример, ги носат сите тие карактеристики, но со посебен шарм на Балканот. Во Белград може да посетите концерт, а следниот ден да завршите на Калемегдан или во некоја од малите, но богати галерии. Во Нови Сад, со својата специфична енергија, секогаш ќе најдете некоја нова приказна што го надополнува вашето музичко искуство.
Токму затоа, сајтот што го водам, Vintage Cafe, е место каде што сето ова се спојува. Тоа не е само музика, туку културна мапа за љубителите на уметноста и животот. Верувам дека пишувањето за овие теми е начин да ги пренесам сите тие искуства на читателите и да ги инспирирам да откриваат и тие сами.
Од сите начини на себепромоција и рекламирање, за кои знаете од повеќето интервјуа со музичари, која метода е најефективна денес што би можеле да ја препорачате како маркетинг стратегија за македонските надежни музичари? На пример, еден од ефективните начини е правењето турнеи низ светот пред да се промовира албум, a друг начин е правење нови спотови, дека помладата публика повеќе реагира на видео снимки одошто само музика.
Како денес, всушност, музичарите го уновчуваат својот труд, aко се земе предвид дека и најпознатите светски бендови по објавувањето на нови албуми за кратко време ги поставуваат целосните студиски снимки, па и спотови, на YouTube каде секој може бесплатно да ги ислуша во целост?
Денес начинот на кој музичарите го уновчуваат својот труд значително се промени поради дигитализацијата и лесната достапност на музиката преку интернет. Сепак, иако музиката се слуша бесплатно на платформи како YouTube, има неколку клучни извори на приходи кои музичарите ги користат за да го монетизираат својот труд.
Музичарите заработуваат преку стриминг сервиси како Spotify, Apple Music, Deezer, и Tidal. Иако приходите од стриминг се често минимални за независните музичари, кумулативната слушаност може да генерира значајни суми, особено ако музичарот има глобална публика. Монетизацијата преку YouTube исто така игра важна улога, бидејќи платформата плаќа за гледаност преку рекламите што се емитуваат на видеата.
Следно се концертите. Концертите и турнеите се најзначајниот извор на приход за повеќето музичари. Ова е област каде уметниците можат директно да заработат од продажбата на билети, а често и од продажбата на „мерч“ за време на настапите. Мерчендајз – музичарите заработуваат преку продажба на физички продукти поврзани со нивната музика – маици, постери, плочи, дури и уникатни артикли поврзани со нивниот бренд. Ова станува особено важно за независните артисти.
Друг начин е лиценцирање на музика. Музичарите често заработуваат преку лиценцирање на својата музика за филмови, реклами, телевизиски емисии, видео игри и други медиуми. Овој тип на приход може да биде доста значаен и долгорочен.
Имаме Crowdfunding и директна поддршка од фановите. Платформите како Patreon, Kickstarter и Bandcamp им овозможуваат на фановите директно да ги поддржат музичарите. На овој начин, музичарите можат да добијат финансирање за издавање нови албуми, продукција на видеа или дури и за турнеи.
Иако стримингот доминира, продажбата на физички изданија (плочи, CD-а) и дигитални преземања на албуми сè уште има своја публика, особено кај љубителите на винтиџ формати. Многу музичари денес дополнително заработуваат преку одржување на музички работилници, мастер-класови и предавања. Ова станува особено популарно со порастот на платформите како Udemy и MasterClass. Социјалните мрежи како Instagram, TikTok, и YouTube не се само алатки за промоција, туку и извори на приход преку спонзорирани содржини, партнерства со брендови и директна монетизација од платформите.
Иако денес музиката е лесно достапна бесплатно, музичарите ја гледаат како дел од поширок екосистем. Албумите и спотовите на YouTube не се само краен производ, туку и алатка за промоција што отвора пат кон други извори на приходи како концерти, мерч, и лиценцирање. Клучот е во диверзификацијата – комбинирање на повеќе извори за да се изгради стабилна финансиска основа.
Кои приказни раскажани преку песни што сте ги дознале се највпечатливи?
Ова прашање е навистина предизвик, затоа што музиката е толку богат извор на приказни и емоции што изборот на неколку песни изгледа речиси невозможно. Но, ако размислам малку подлабоко, песните што најмногу ме трогнуваат се оние што го комбинираат личното искуство со универзалните чувства.
‘Kashmir’ на Led Zeppelin е совршен пример за тоа како музиката може да пренесе атмосфера на патување. Таа не е само песна за физичкиот простор, туку и за внатрешното патување, каде што текстот и музиката создаваат чувство на мистерија и откривање.
Боб Дилан е вистински мајстор на раскажување преку песни. Во ‘Masters of War,’ тој ја доловува бескомпромисната критика на војната и нејзините творци, додека ‘Lord Protect My Child’ е нежна, емотивна песна што секој родител може да ја почувствува на подлабоко ниво. Дилан има способност да создава ликови, да раскажува приказни што звучат како да доаѓаат од друг свет, но сепак да бидат длабоко човечки и релевантни.
Кога зборуваме за раскажувачи на приказни преку песни, неможе да се изостават и Том Вејтс и Ник Кејв, двајца мајстори на темната и поетска страна на музиката. Том Вејтс е еден од најистакнатите претставници на бит поезијата, со своите песни кои често се како слики од ноќниот живот, ликови кои се заглавени во секојдневието, но истовремено имаат нешто исклучително во нив. Песни како ‘Tom Traubert’s Blues’ и ‘The Piano Has Been Drinking’ раскажуваат приказни на болка и утеха, а Вејтс го прави тоа на начин што секој стих носи тежина и одредена патина.
Ник Кејв, пак, во својата музика создава не само приказни туку и целосни светови. Неговите текстови се често темни, мистични, полни со библиски референци и апокалиптични визии. Песни како ‘The Mercy Seat’ или ‘Into My Arms’ покажуваат неговата способност да ги вкрстува личните емоции со универзални теми на љубов, загуба и спасение. Неговото раскажување има еден драматичен, театрален момент, како да слушаш не само песна туку и дел од некоја голема театарска претстава. Овие артисти се одлични примери за тоа како музиката може да биде не само израз на емоции, туку и наратив кој нуди простор за интерпретација. Тие ги креираат световите во кои сакаме да се изгубиме, но истовремено ни ја покажуваат и вистината за нашето постоење.
Од македонската сцена, Ристо Вртев и неговите песни се одличен пример за тоа како македонскиот јазик и култура можат да се преточат во музика со универзална порака. Неговите текстови мајсторски го спојуваат специфичниот локален контекст со цинизам, создавајќи песни што се автентични, уникатни и лесно препознатливи. Она што го прави Вртев посебен е неговата способност да прераскаже длабоки животни вистини низ секојдневни ситуации, со што неговите песни добиваат и литературна вредност. Тие не се само музички дела, туку и културни артефакти што ги доловуваат македонскиот менталитет и дух. Неговата музика има моќ да комуницира со различни генерации, истовремено останувајќи длабоко вкоренета во македонската традиција и историја.
Она што ме фасцинира кај овие песни е што сите овие кои тука ги набројав а се само неколкумина не само што раскажуваат приказна, туку и го покануваат слушателот да биде дел од тој наратив, да се најде себеси во стиховите и музиката. Во тоа лежи магијата на раскажувањето преку песни – тие се отворени за интерпретација и имаат моќ да создадат силна емоционална врска со слушателот.“
Кои ви се омилени долгометражни филмови поврзани со музиката?
Како и во прашањето за омилени книги и впечатливи песни, така и изборот на омилени долгометражни филмови поврзани со музиката е многу широк, но најмногу се воодушевувам на оние кои го истражуваат човечкиот аспект на приказната, а не само чистата фактографија. Музиката сама по себе е толку многу повеќе од само ноти и текстови — таа е и емоција, животна приказна, и лични искуства што ја обликуваат историјата.
Еден од моите омилени филмови е „Big Time” на Том Вејтс, кој е неверојатен пример за музички театар. Тој не е само музика, туку и еден подлабок поглед во умот и душата на неговиот творец, каде што меланхолијата и хуморот се спојуваат на магичен начин. Исто така, „One More Time with a Feeling” и „20,000 Days of Planet Earth” на Ник Кејв се посебни, бидејќи ги покажуваат неговите длабоки и често бурни човечки искуства, како и начинот на кој се влијаат на неговото творештво. Особено, „One More Time with a Feeling” е интимен и емотивен документарец за процесот на снимање на неговиот албум Skeleton Tree, што е поврзано со лична трагедија и трансформација. !Buena Vista Social Club„ е филм кој носи не само музика, туку и една цела културна приказна на Куба, која станува симбол на издржливоста, радоста и душата на луѓето кои ја создале таа музика. Слично, „Rattle and Hum“ го носи духот на U2 и нивното патување низ Америка, каде што музиката и политичката димензија се спојуваат во една нераскинлива врска. Друг омилен ми е филмот „Ennio“ за легендарниот композитор Енио Мориконе. Неговото влијание на филмската и музичката индустрија е огромно, и филмот прекрасно ја раскажува неговата приказна, а во исто време, и историјата на самата музика за филм.
Не може да се заборави и „1991: The Year That Punk Broke“, кој е изврсен документарец за едно време кога музиката и културата биле на пресвртна точка. Овие филмови не се само за музиката како таква, туку за приказните кои стојат зад неа — како тие личности, сцени, и настани ја обликуваат музичката историја. Некои од овие филмови сум ги прикажувал и на Скопје Сinema City фестивалот, каде што секоја година се нуди внимателно избрана селекција на филмови кои не само што ги раскажуваат приказните зад големите музички настани, туку и ни го покажуваат човечкото лице на музиката. На фестивалот, тие приказни не се само фактографија — тие се живи, дишат, и носат со себе вистинска емоција.
Кога би го опишале вашето животно мото со една реченица или фраза како би гласело тоа?
Не знам дали имам конкретно животно мото на кое се придржувам постојано, обично сите се убави кога ќе ги прочиташ на социјалните мрежи или каде и да е. Ако треба да издвојам нешто што навистина го води мојот живот, тоа би била упорноста и истрајноста. Се сеќавам на филмот „Папијон“ со Стив Меквин, каде што ликот е решен да избега од казнената колонија во Француска Гвајана. После 14 години на континуирани неуспеси и предизвици, тој успева. Таа упорност да не се откажеш и да продолжиш напред, без оглед на тешкотиите и препреките, е нешто што навистина го ценам и се обидувам да го применувам во мојот живот.