„Невестата треба да се чувствува како најубавата верзија на себе, па тука треба многу внимание на деталите“, вели Салтирова. Во пресрет на пролетта, разговараме со Симона Салтирова, една од поистакнатите мејкап артистки кај нас. Освен што ги разубавува јавните личности, вели дека со подеднаква љубов ги разубавува сите жени што ќе дојдат во нејзиното студио. За трендовите, советите за шминкање, дали е тешко да се биде дел од оваа професија кај нас, низ разговорот во интервјуто за „Слободен печат“…
Во пресрет на пролетта, кои бои ќе доминираат и кои се актуелните трендови за шминка?
– Оваа пролет ќе доминираат свежи, пастелни тонови како розова, праска и лаванда. Блескав, природен тен со минимална покривност останува во тренд, како и изгледот „чиста девојка“ – уредни веѓи, сјајни усни и розови образи.

Пролетта е време и на матурите, па кои се советите за матурантките за совршен изглед? Тука ќе ја споменам и невестинската шминка, колку е тоа предизвик за еден шминкер?
– На матурантките им советувам да изберат шминка што ќе ја истакне нивната природна убавина, а не да ги „маскира“. Најдобро е да се одлучат за беспрекорен тен, свеж изглед со суптилно дефинирани очи и усни во природна боја. Доколку сакаат смел изглед, класичниот „зачадени очи“ или црвен кармин се безвременски избори. Што се однесува до невестинската шминка, таа е еден од најголемите предизвици бидејќи мора да биде долготрајна, совршено изведена и да изгледа добро и во живо и на фотографија. Невестата треба да се чувствува како најубавата верзија на себеси, па тука треба многу внимание на деталите.

Од каде љубовта кон шминкањето и кога откри дека имаш талент?
– Љубовта кон шминкањето ја имав од мошне мала. Отсекогаш сум сакала уметност, бои и трансформација, а шминката ми овозможи да го комбинирам сето тоа. Кога сфатив дека со неа можам да го истакнам најдоброто кај секоја личност, знаев дека ова е мојот пат.
Какви беа почетоците? Каков беше патот до успехот и од кого добиваше најголема поддршка?
– Почетоците беа исполнети со многу труд и посветеност. Почнав од нула, учев, вежбав и со текот на времето почнав да градам име. Најголемата поддршка ја добивав од моите најблиски, но и од клиенти што ја препознаа мојата посветеност и ми дадоа доверба.

Што е твоја карактеристика во шминкањето и по што си препознатлива?
– Препознатлива сум по тоа што секоја шминка што ја правам изгледа беспрекорно, но сепак, природно. Ги нагласувам најубавите црти на лицето, без претерување. Моите клиенти сакаат да изгледаат како подобрена верзија од себе, а не како некој друг.
Не е тајна дека соработуваш со јавни личности, која дама посебно сакаш да ја нашминкаш и како е да се разубавуваат јавните личности?
– Секој клиент ми е еднакво важен, порано можеби и имав желби за некоја особена позната личност, но денес ми е сосема сеедно. Што се однесува до нив, најважно е да изгледаат свежо и беспрекорно пред камерите, а тоа бара прецизност и техника, искуство и доза на храброст.

Колку е тешко да се наметнеш со оваа работа, со оглед на тоа дека и конкуренцијата е голема?
– Конкуренцијата е голема, но верувам дека квалитетот секогаш се истакнува. За да бидеш на врвот, не е доволно само да шминкаш убаво – потребна е посветеност, постојано усовршување и уникатен пристап, а и ја поздравувам секогаш конкуренцијата, да не би постоела таа, веројатно би биле мрзливи до некој степен.
Колку ти внимаваш на сопствениот изглед?
– Секако дека внимавам, тоа е дел од професијата. Верувам дека како визажист морам да бидам пример за негуван изглед, но и да покажам дека убавината доаѓа од негувана кожа, здрав начин на живот и правилен избор на шминка.

Кои се твоите совети за една дама, кога се во прашање шминката и изборот на декоративна козметика?
– Најважно е да инвестира во квалитетна основа – добра пудра што одговара на нејзиниот тип кожа и нега што ќе ја направи шминката да изгледа беспрекорно. Исто така, подобро е да се има малку, но висококвалитетни производи, отколку многу, но неквалитетни.

Внимаваат ли Македонките на својот изглед и кој е твојот општ впечаток кога ги забележуваш дамите колку време поминале пред огледалото?
– Да, Македонките главно внимаваат на својот изглед и сакаат да изгледаат средено. Некои претпочитаат минималистички стил, додека други сакаат понагласена шминка. Но, во секој случај, јас ја поддржувам индивидуалноста и секој да го носи она што го прави да се чувствува убаво, секако во граници на објективната убавина што постои.
