Поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева ќе се најде прва на удар во Собрание и најверојатно таа ќе биде единствената која ќе излезе пред пратениците да се изјасни за интерпелацијата што беше поднесена за нејзе и за уште четворица членови на Советот избрани во Собранието, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Селим Адеми и Павлина Чачарова Илиевска. На интерепелацијата на Дамева се потпишани над 60 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, а за останатите членови интепрелациите ги имаат поднесено седуммина пратеници. Мнозинството е спремно, но неизвесно е дали некој од членовите ќе дојде во Собрание да го каже тоа што го напишаа во одговорот на поднесените интерпелации за кои ќе се гласа. Откако беше одреден датумот и откако беше закажана собраниската седница на која на дневен ред ќе бидат интерпелациите, Судскиот совет закажа две седници, една по друга.
Едната седница пред да биде гласањето, а другата седница токму на денот кога ќе се гласа. Никој од членовите за кои беше поднесена интерепелацијата официјално не кажаа дали ќе одат во Собрание, одговорот на сите беше ист „се уште немам одлучено. Ќе одлучам во текот на денот“. Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски кој ги закажува седниците и ја менаџира работата на Советот, на прашањето зошто закажал седница истиот ден кога е собраниската седница и дали ова може да им послужи како алиби на членовите на Советот да не се соочат со пратениците и јавноста рече дека не гледа проблем во поклопувањето на седниците.
-Апсолутно немаше никаква намера. Ние не ни знаевме кога се закажуваше дека ќе биде точно на таа дата и собраниската седница. Нашата седница воопшто не е пречка таа да биде одржана и обратно, собраниската да биде пречка нашата седница да се одржи. Доколку некој од колегите изрази желба да отиде таму и да даде изјава, ние ќе го чекаме да отиде таму и да се врати, значи нема да има никаква пречка ниту во Собрание, ниту во Судски совет – изјави Камбовски.
Мнозинство има – оставките неизвесни
И премиерот, Христијан Мицкоски смета дека двете седници треба да се разграничат.
-Членовите на Судскиот совет нека си ја завршат работата, Собранието си има своја работа. Би ги одвоил тие две работи, две активности. Не би сакал да коментирам дали ова значи почитување или непочитување на Парламентот. Да почекаме пратениците да се изјаснат па ќе коментираме – рече Мицкоски.
Првичната идеја на власта беше распуштање на Судскиот и обвинителсскиот совет, за потоа да стигне до поднесување на интерпелации за членовите избрани во Собрание, кои не значат нивно разрешување. Како што е образложено, интерпелациите се поднесуваат заради негрижа, нарушување на угледот на судиите и загрозување на довербата на граѓаните кон судството.
-Интерпелацијата за работата на членот на Судскиот совет на Република Северна Македонија се поднесува, заради недоследно спроведување на надлежности, особено заради негрижа, односно нарушување на угледот на судиите и загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем, односно судството во целина – се вели во објавената интерпелација.
Состојбата во Судскиот совет се продлабочила со изборот на Дамева за член на Судски совет, а потоа и за претседател на Советот. Во документот се споменува и незаконското разрешување на Дамева од страна на нејзиниот заменик, Селим Адеми, кој исто така се најде меѓу оние членови за кои е поднесена интерпелација.
-Ова е само доказ дека во Република Македонија не владееше правото и не се почитуваа Уставот и Законите, туку се почитуваа само наредби од политичките партии кои беа на власт од 2017 до 2024 година. Наместо уште во 2023 година целиот Судски совет да поднесе оставка, тие продолжија со нивните мандати со нарушен легитимитет, интегритет и углед на самите себе, судиите и судството во целина – се додава во интерпелацијата.
Мицкоски е свесен дека дури и да се изгласаат интерпелациите тие не може да бидат разрешени, освен ако не одлучат сами да се поднесат оставка.
– Со сила ништо не можеме да направиме. Нив до последно ги штити законот. Се разбира, таков е законот, тие можат да си речат не поднесуваме оставка и ќе тераме додека не ни завршат мандатите. Инаку кои се алатките? Еве за да нема дилема. Алатката е јавноста. Се бориме јавно. Вистината е најпрецизна во јавноста. Ќе се бориме со јавноста. Ценам дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав на Судскиот совет и мислам дека нема подобра алатка од јавноста. Апсолутно со јавен притисок – рече Мицкоски пред неколку дена.
Но, премиерот се надева дека тие ќе поднесат оставки.
– Мислам дека ќе бидат доблесни, доколку се изгласа интерпелацијата, односно доколку заклучокот на пратениците е да има промени таму, тие да си заминат – рече Мицкоски.
Сите работеле професионално
Сите членови инаку поднесоа писмени одговори до Собранието во кои тврдат дека работеле професионално и чесно и дека не се чувствуваат одговорни за досегашната работа и според она што го напишале во нивните одговори никој од нив не планира да поднесе оставка. Дел од нивните аргументи се дека има јасна поделба на власта, дека судската власт е независна, дека интерпелацијата е инструмент на политичка контрола и не може да се примени на членовите на Судски совет, во спротивно тоа би значело упад во судската власт, одговорноста треба да биде индивидуална, а не колективна.
Нивните интерпелации се објавени на веб страницата на Собранието, а Дамева пишува дека Уставот како највисок правен акт на државата, треба да се применува и толкува на начин што ќе се применуваат и толкуваат секоја одредба поединечно и во склоп на една целина. Според нејзе, содржината на интерпелацијата е дискриминирачка, односно во насока на остварување на целта за отстранување на членовите на Советот избрани од редот на Собранието наспрема членови на Советот избрани од редот на судиите. Таа порачува дека правната доктрина не познава колективна одговорност и дека секој е одговорен за она што го сторил, а неговата одговорност мора да биде утврдена во постапка и на начин согласно Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, а врз основа на докази изведени во текот на постапката, почитувајќи го принципот на еднаквост на оружјата.
-Се поставува прашањето, дали ако мнозинството на пратеници донесе противуставна или противзаконита одлука, во иднина треба да бидат повикани на одговорност и да одговараат и оние пратеници кои не учествувале во донесување на таквата одлука? – пишува Дамева.
Пратениците ќе треба да гласаат за интерпелациите до полноќ.