Машинскиот факултет – Скопје и Министерството за образование и наука организираат ИНФО ДЕН посветен на можностите за поддршка на научно – истражувачката дејност во Македонија преку соработка со Здружениот истражувачки центар на Европската комисија.
Настанот ќе се одржи во Амфитеатарот на Машинскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на 12.06.2025 (четврток) со почеток во 09:30 часот. Настанот е од отворен тип.
На настанот ќе бидат презентирани можностите за соработка меѓу нашите истражувачи и истражувачката мрежа на Европската комисија. Дел од темите на кои ќе дискутираат домашни и меѓународни експерти се енергетската безбедност со фокус на набавката на гас, одржливи материјали за изградба, одржливи згради и инфраструктура, паметна специјализација и индустрија 4.0.
Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија, неодамна потпиша Рамковен Договор за истражување (Research Framework Agreement) со Здружениот истражувачки центар (Joint Research Centre– JRC) на Европската комисија. Со овој Договор се обезбедува основа за идна соработка меѓу македонските истражувачи и центрите на Здружениот истражувачки центар на Европската комисија.