Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, со остра реторика се обрати по последните тензии со Израел, потенцирајќи дека одговорот на Техеран е „дел од легитимното право на самоодбрана“. Во изјава што одекна низ дипломатските кругови, Арагчи порача дека токму Израел бил тој што прв ја нарушил рамнотежата со нападите врз иранските нуклеарни постројки – напади кои, како што тврди, не би се случиле без поддршка од Вашингтон.
„САД мора јавно да ги осудат израелските напади. Без нивната дозвола, Израел немаше да се осмели на ваков чекор“, рече Арагчи. Министерот исто така откри дека во сенка се воделе разговори меѓу Техеран и Вашингтон, кои можеле да резултираат со нов договор околу иранската нуклеарна програма. Според него, Израел намерно ги саботирал тие преговори од страв дека потенцијално приближување меѓу Иран и САД би ја променило динамиката на моќ во регионот. И покрај сè, Арагчи истакна дека Иран не бара проширување на војната. „Но, ако бидеме принудени – нема да останеме настрана“, предупреди тој.