Портпаролката на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, Фатемех Мохаџерани, го прогласи понеделник за ден на жалост по експлозијата и пожарот во пристаништето Шахид Раџаи во градот Бандар Абас, во кој, според локалниот гувернер, загинаа најмалку 40 луѓе, пренесоа иранските медиуми. Во меѓувреме, Пезешкијан денеска отпатува за Бандар Абас, главниот град на провинцијата Хормозган, за да ги надгледува спасувачките напори и да ги добие најновите информации за вчерашната експлозија, објави новинската агенција МБА. Тој посети дел од повредените кои се сместени во локалните болници. Гувернерот на провинцијата Хормозган, која прогласи тридневна жалост, рече дека бројот на загинати се зголемил од 28 на 40.
Иранските власти соопштија дека пожарот е локализиран денеска. Според организацијата на Црвената полумесечина, во експлозијата се повредени 1.242 лица, од кои околу 300 се хоспитализирани. Експлозијата се случила во објект за кој се вели дека е поврзан со претходна пратка на хемикалија што се користела за производство на ракетно гориво, објави АП. Поради опасниот чад, властите ги затворија училиштата и деловните субјекти околу пристаништето. Во текот на ноќта, хеликоптери и тешки товарни авиони постојано летаа над запаленото пристаниште, исфрлајќи морска вода на огнот. Како што јави АП, приватната безбедносна фирма Амбри соопшти дека иранското пристаниште го примило хемиското ракетно гориво во март, кое било дел од пратката со амониум перхлорат од Кина, која пристигнала во Иран со два брода.