Иран уапси десетици луѓе под сомнение за шпионажа, додека во земјата растат стравувањата за степенот на инфилтрација од страна на израелската разузнавачка агенција Мосад. Според Си-Ен-Ен, откако започнаа израелските напади во петокот, 28 лица во главниот град се уапсени и обвинети за шпионажа за Израел, додека во понеделникот еден човек кој беше уапсен по истото обвинение пред две години беше погубен со бесење, чин што се чини дека испраќа порака до потенцијалните соработници.
Иранскиот режим, исто така, уапси десетици луѓе низ целата земја за наводно објавување статии на интернет „во поддршка на ционистичкиот режим“, обвинувајќи ги за нарушување на „психолошката безбедност на општеството“ – вклучувајќи 60 лица во Исфахан, каде што Израел тврди дека нападнал нуклеарен постројка. Бранот апсења доаѓа во време кога Техеран се обидува да се справи со откритието дека агенти на Мосад шверцувале оружје во Иран пред невидениот израелски напад и го користеле за да ја нападнат земјата одвнатре. Сомневањата во Иран толку многу се зголемија оттогаш што Министерството за информации бара од јавноста да пријавува сомнителни активности и издава упатства за тоа како да се идентификуваат потенцијални соработници.
Во соопштението на министерството се апелира до граѓаните да бидат претпазливи кон странци кои носат маски или очила, возат комбиња, носат големи торби или снимаат во близина на воени, индустриски или станбени области. Во друг постер објавен од „Нур њуз“ (медиум поврзан со безбедносните служби на Иран), граѓаните се повикуваат да бидат сомничави кон луѓето што носат „маски, капи и очила за сонце дури и ноќе“ и кон луѓето што прифаќаат „чести испораки на пратки преку курир“. Постерот ги замолува граѓаните да пријават „необични звуци одвнатре во домовите, како што се вресоци, звуци од метална опрема, постојано тропање“ и „куќи со спуштени завеси дури и во текот на денот “ . Друг постер, кој ѝ се припишува на полицијата и е објавен во државните медиуми, ги повикува сопствениците на недвижности кои неодамна ги изнајмиле своите домови веднаш да ја известат полицијата. Во меѓувреме, новинарите во Иран за Си-Ен-Ен изјавија дека им е забрането да фотографираат на улица.
Параноја и дефетизам
Стравот од израелска инфилтрација ја интензивира вознемиреноста на сè поизолираното раководство на Исламската Република, кое во последниве години е потресено од антирежимските протести предизвикани од смртта на млада жена во притвор на таканаречената морална полиција во земјата. Истата сила што ги потисна протестите, паравоената Басиџ (огранок на Револуционерната гарда), е распоредена во ноќни патроли за да го интензивира „надзорот“ по израелската инвазија, според иранските државни медиуми. Видео споделено со Си-Ен-Ен од израелската агенција Мосад покажува израелски агенти како увезуваат оружје во Иран пред нападите во петокот. Во видео порака во понеделник, шефот на иранската полиција Ахмад-Реза Радан ги повика „предавниците“ да се предадат, сугерирајќи дека оние кои ќе сфатат дека биле „заведени од непријателот“ би можеле да бидат третирани поблаго и „почестени“ од Иран – додека уапсените би „ја научиле лекцијата што сега му се предава на ционистичкиот непријател“. Врховниот судија на Иран, Голам-Хосеин Мохсени-Езеи, повика на „брзо“ казнување на обвинетите за соработка со Израел.
„Да речеме дека уапсивме некого кој соработува со (Израел), ова прашање во овие воени околности… мора веднаш да се суди и казни“, рече тој.
Растечката параноја на иранскиот режим доаѓа во време кога се појавуваат повеќе детали за операцијата на Мосад со која се шверцувало оружје во Иран пред првите напади во петокот. Според израелски официјални лица , агентите поставиле база за лансирање експлозивни дронови во Иран и ги користеле за напади врз ракетни лансери во близина на Техеран. Прецизно оружје што се користи за гаѓање на противвоздушни системи, исто така, било шверцувано, отворајќи го патот за израелските воздухопловни сили да извршат повеќе од 100 напади со над 200 авиони во раните утрински часови во петокот (локално време). Разузнавачките информации собрани од Мосад во Иран, наводно, им дале на израелските воздухопловни сили можност да ги таргетираат високите ирански команданти и научници. Според иранските медиуми, владата запленила опрема за која се тврди дека е користена во израелската операција – вклучувајќи 200 килограми експлозиви, неколку самоубиствени дронови, лансери и опрема за производство на дронови – во градот Реј, во покраината Техеран.