Средбата, прва од ваков вид по неколку години директна конфронтација, се очекува да биде еден од клучните моменти во обидот за дипломатско решение на конфликтот. Владимир Медински, роден во 1970 година во градот Смела тогаш Украинска СССР, дипломирал на Московскиот државен институт за меѓународни односи МГИМО, а дел од студиите го поминал како практикант во Амбасадата на СССР во Вашингтон. Тој влезе во руската политика на почетокот на 2000-тите како член на Државната дума, а подоцна, од 2012 до 2020 година, беше министер за култура. Тој е познат по промоцијата на конзервативните и националните вредности, како и по застапувањето за посилен руски идентитет во културната политика. Од 2020 година ја извршува функцијата помошник на претседателот.
Тој преговараше со Украина пред три години
Медински, кој ќе ја предводи руската делегација на мировните преговори со Украина во Истанбул, не е новајлија кога станува збор за дипломатските мисии во руско-украинскиот конфликт. Во 2022 година, овој близок соработник на претседателот Владимир Путин беше на чело на руската делегација во првите обиди да се запре војната преку дијалог. Првите преговори беа одржани на крајот на февруари и во текот на март 2022 година, само неколку дена по почетокот на руската инвазија на Украина. Медински ја предводеше руската страна во неколку рунди разговори, кои прво беа одржани во Белорусија, а потоа и во Истанбул, каде на 29 март беа постигнати првите знаци за можно приближување на позициите. Украина тогаш понуди да прифати воена неутралност и да не бара членство во НАТО, под услов да добие меѓународни безбедносни гаранции. Русија, од друга страна, побара признавање на Крим како руска територија и суверенитет над делови од Доњецк и Луганск контролирани од проруските сили. Иако Медински изјави дека „Украина ја покажа својата волја да ги исполни клучните руски барања“, не беше постигнат конкретен договор.
Наводите за плагијат за неговата докторска дисертација
Во 2017 година, независна комисија од руски научници се собра околу проектот „Дисернет“ и го обвини Медински за плагијат на делови од неговата докторска дисертација во историјата, како и користење на неакадемски извори и дека неговата дисертација не ги задоволува научните стандарди. Академскиот совет на Федералниот универзитет Урал тогаш препорача да му биде одземена титулата, но руското Министерство за образование одби да го спроведе, со политичка заштита од Кремљ. Да потсетиме, украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази подготвеност да се сретне со Путин во Турција, но нагласи дека ќе учествува во преговорите само доколку Путин се појави лично. Во меѓувреме, САД најавија дека на преговорите ќе бидат присутни државниот секретар Марко Рубио и специјалните пратеници Стив Виткоф и Кит Келог. Претседателот Доналд Трамп изјави дека ја разгледува можноста да присуствува, но сепак ќе мора да ги пропушти руско-украинските преговори поради неговиот „зафатен распоред“.