– Иран и САД денеска ќе одржат разговори во Оман со цел да започнат преговори за нуклеарната програма на Техеран. Иако двете страни навестија можност за напредок, тие сепак значително се разликуваат по прашањето за спорот што трае повеќе од две децении и се уште не постигнале договор дали преговорите ќе бидат директни, како што бара американскиот претседател Доналд Трамп, или индиректни, како што сака Иран, објавија британските меидуми. Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој го има последниот збор во владата на Исламската Република за клучните државни прашања, му ги доверил на министерот за надворешни работи, Абас Аракчи, сите овластувања да води преговори, изјави ирански функционер за споменатата агенција.
Аракчи ја предводи иранската делегација, додека преговорите на американска страна ќе ги води специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф. Времетраењето на преговорите, кои ќе се занимаваат исклучиво со нуклеарното прашање, ќе зависи од сериозноста и добрата волја на американската страна, рече претставникот, кој сакаше да остане анонимен поради чувствителноста на темата. Иран ја отфрли можноста за преговори за неговите одбранбени способности, како што е неговата ракетна програма.
Техеран секогаш тврдеше дека неговата нуклеарна програма има чисто цивилни цели, додека западните земји веруваат дека Иран сака да изгради атомски бомби. Тие веруваат дека збогатувањето на ураниум, нуклеарното гориво, во Иран ги надмина потребите на цивилната програма. Трамп, кој од февруари ја рестартираше кампањата за „максимален притисок“ врз Техеран, во 2018 година се повлече од иранскиот нуклеарен договор со шесте светски сили и повторно воведе санкции кон Исламската Република.
Оттогаш, иранската нуклеарна програма напредуваше, вклучително и збогатување ураниум до 60 отсто, што е на чекор од нивото потребно за изградба на нуклеарна бомба, истакнуваат британските медиуми. Американскиот секретар Марк Рубио пред два дена изјави дека се надева оти разговорите ќе доведат до мир и дека САД „јасно ставиле до знаење дека Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје“