Иранските власти ја проширија забраната за шетање кучиња во нови 18 градови низ земјата, повикувајќи се на потребата да се зачува јавниот ред, безбедноста и здравјето на граѓаните, пренесе Би-би-си. По наредбата од министерството за внатрешни работи од 2022 година, со која беше забрането шетањето кучиња на јавни места во главниот град Техеран, минатата недела забраната е воведена во најмалку 18 дополнителни градови. На сопствениците на кучиња дури им се забранува и да ги превезуваат во возила. Од Исламската револуција во 1979 година, иранските власти се противат на поседувањето кучиња, сметајќи ги за „нечисти“ и симбол на западното влијание. Сепак, бројот на сопственици на кучиња расте, особено меѓу младите, кои тоа често го гледаат како форма на бунт против строгиот теократски режим.
Градовите Исфахан и Керман неодамна ја вовеле оваа мерка. Во Илам, на западот на земјата, каде што забраната стапила во сила викендов, локален функционер изјави дека против прекршителите ќе бидат преземени „правни мерки“. Сепак, спроведувањето на забраната е недоследно, па многумина продолжуваат да шетаат кучиња во Техеран и други делови од земјата. Иако во Иран не постои национален закон што експлицитно го забранува поседувањето кучиња, локалните обвинители често воведуваат забрани што ги спроведува полицијата.
„Шетањето кучиња претставува закана за јавното здравје, редот и мирот“, изјави Абас Наџафи, обвинител од западниот град Хамедан, за државниот весник „Иран“. Некои сопственици на кучиња се уапсени, а нивните миленици им се одземени поради шетање. Многумина сега ги шетаат кучињата ноќе или на изолирани места за да ја избегнат полицијата. Режимот смета дека поседувањето домашни миленици е неисламска практика, а многу верски учени луѓе од шиитската гранка на Исламот, доминантна во Иран, сметаат дека допирањето на куче или неговата плунка е „најис“ (верски нечисто).
Врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, изјави дека држењето кучиња, освен за чување добиток, лов или безбедност, е „достојно за осуда“. Во 2021 година, 75 пратеници го осудија поседувањето кучиња како „разорен општествен проблем што постепено може да го промени иранскиот и исламскиот начин на живот“. Во 2010 година, Министерството за култура и исламско водство забрани рекламирање на домашни миленици и сродни производи, а во 2014 година беше предложен закон за казнување, па дури и камшикување на оние што шетаат кучиња, но предлогот не беше усвоен. Критичарите на мерките велат дека полицијата треба да се фокусира на вистинските закани за безбедноста, особено поради зголеменото насилство, наместо на ограничување на личните слободи и прогонот на сопствениците на кучиња. Поседувањето кучиња, кршењето на законот за задолжително носење хиџаб, илегалните забави и консумацијата на алкохол одамна се тивок облик на бунт против иранскиот теократски режим.