Пратка американско тешко оружје пристигна во Израел во текот на ноќта, соопшти денеска израелското Министерство за одбрана, додека американскиот државен секретар Марко Рубио е во Ерусалим на разговори со израелските лидери. „Пратка тешки бомби неодамна обезбедени од американската влада беше примена и истоварена во Израел во текот на ноќта“, се вели во соопштението на Министерството. Се работи за пратка тешки бомби МК-84 неодамна одобрени од администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Лани администрацијата на Бајден ја запре испораката на тие бомби од 900 килограми поради загриженоста за цивилни жртви во Газа, јавија американските медиуми. Од почетокот на војната во октомври 2023 година, повеќе од 76.000 тони воена опрема пристигнаа во Израел, а најголемиот дел од странската воена опрема беше испратена од САД.