Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања ги демантираше тврдењата на политичката партија Демократска унија за интеграција (ДУИ), која на социјалните мрежи се пофали со резултатите од анкетата на ИСППИ дека имаат двојно поголема поддршка од сите останати етнички албански партии заедно, но сепак, не се во власта. Од ИСППИ велат дека објавите на ДУИ на Фејсбук на 24 јануари 2025 година неверодостојно ги пренесуваат резултатите од нивната анкета објавена два дена претходно, на 22 јануари 2025 година.
„Пренесените резултати во наведените објави на никој начин не можат да бидат интерпретирани како партиски рејтинзи и не можат да се земат како основа за тврдење дека значителен дел од популацијата ја поддржува политичката партија ДУИ“, децидни се од ИСППИ. Тие појаснуваат дека резултатите се однесуваат на блискоста на дел од испитаниците со партиите.
„Прикажаните проценти се извлечени од само дел од примерокот на испитаници (околу 40%) кои првично известиле дека се блиски до некоја политичка партија. Во следното прашање, само тие испитаници се прашани да ја изберат партијата до која се блиски, резултирајќи со наод за блискост на дел од популацијата со партиите, а не со наод за партиски рејтинг кој се однесува на целосната популација“, велат од Институтот. Оттаму, тие сметаат дека ваквото дезинформирање на јавноста креира директна штета на напорите на научниците и граѓанскиот сектор да придонесат кон креирање на здрава политичка дебата заснована на докази.
„Јасно е наведено дека се работи за блискоста до партиите за само дел испитаници, вкупно 421 испитаник (нешто над 40% од вкупниот примерок), податок кој е испуштен во објавите на политичката партија ДУИ“, велат од ИСППИ.
Институтот побара од релевантните политички актери да се воздржат од ширење на дезинформации кон јавноста. Резултатите од анкетата се достапни на следниот линк.