Како што појаснуваат блиските на Миле, во вторникот наутро добиле телефонски повик од лице од Кавадарци кое го познавало Миле. Човекот им кажал дека истото утро, околу пет часот, додека возел на регионалниот пат Штип – Неготино, запрел накратко и излегол од возилото, и тогаш забележал човек кој се движел од Штип кон Неготино.
Кога добро го погледнал, сфатил дека станува збор за Миле по кого се трага околу четири месеци и веднаш започнал да го довикува.
-Лицето кое го забележало Миле, покрај коловозот, речиси на највисокиот дел на Серта, е човек кој добро го знае и нема шанси да се препознал. Кога ни се јави, ни кажа дека откако го забележал, веднаш му викнал – Брату, брату, дојди, застани, но Миле започнал да бега кон шумата.
Бил неверојатно ослабнат, преполовен, со жолта брада и подрасната коса, носел жолта маица која била искината. Изгледал очајно, неуредно, во многу лоша состојба, како пола човек. Во раката држел палто, раскажуваат блиските на Миле.
Додаваат дека веднаш се јавиле во полиција и известиле за дојавата, по што екипи на МВР се упатиле кон Серта со кучиња трагачи и дронови. Но, и покрај масовната потрага, не успеале да го најдат неготинецот.
-И лицето кое ни кажа дека го видело Миле разговараше со полициски службеници, ги даде сите детали кои ги има. Ова ни даде надеж дека сепак Миле е жив, и најверојатно не сака да биде најден. Од една страна ова е олеснување за нас, како семејство, од друга страна сме презагрижени поради тоа што бил во многу лоша состојба, стравуваме да не му се случи нешто лошо. Размислуваме, што ако падне, скрши рака или нога, ако се повреди… Дури тогаш никогаш нема да биде пронајден во шумата, велат блиските на Тодоров.
Апелираат до јавноста, да се обрати внимание додека се вози низ патиштата, случајно пак да не биде забележан човек, во жолта маица, многу слаб и со неуредна подрасната коса и жолта брада. Доколку некој го забележи, веднаш да ја алармира полицијата.
-Не знаеме што се случува, но му веруваме на човекот кој тврди дека е сигурен како лицето забележано на Серта е Миле. Веруваме и дека тој не сака да биде најден, инаку зошто веднаш би побегнал кога човекот му викнал да запре?
Ова е мистерија и агонија истовремено низ која минуваме четири месеци, и се надеваме дека конечно ќе го најдеме Миле, дека ќе добиеме одговори на бројните прашања кои не мачат сето ова време. Молиме за помош од јавноста, секој кој ќе забележи лице со описот кој го дадовме, да не се двоуми и да се јави во полиција, порача семејството.
Инаку, по Миле беше организирана масовна потрага која траеше со недели, откако беше пријавен за исчезнат. Покрај многуте стручни тимови, беа ангажирани и доброволци, хеликоптер, дронови и кучиња трагачи, а момчето кое последен пат било забележано на патот Кавадарци – Неготино, како да пропадна во земја.