Првата дама на САД, Меланија Трамп, последен пат е видена во јавност на 24 јануари, кога заедно со сопругот ја посети Северна Каролина и Калифорнија. Додека Доналд Трамп секојдневно се појавува во медиумите, од Меланија нема ни трага, пишува „Стори“. Многумина очекуваа да се појави за време на Супербол изминатиот викенд, но тоа не се случи. Доналд Трамп го проследи натпреварот во друштво на ќерка му Иванка. Овој викенд, пак, не се појави ниту на трката „Дејтона 500“, на која присуствуваа многу членови од семејството Трамп. Меланија, исто така, не присуствуваше на неколку значајни настани во Белата куќа, како што е потпишувањето на новиот закон и приемите на неколку странски лидери, меѓу кои израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, јапонскиот премиер Шигеру Ишиба и јорданскиот крал Абдула.

Не беше забележана ниту на настаните каде што беа поканети сопругите и сопружниците на политичарите, како вечерата што Трамп ја организираше во „Мар-а-Лаго“ за републиканските сенатори и нивните партнери. Она што дополнително загрижува е фактот што Меланија Трамп не беше многу активна ниту на социјалните мрежи. Во тој период, на платформата Икс имаше само две објави – нејзиниот официјален портрет и израз на сочувство по авионската несреќа и падот на воен хеликоптер во Вашингтон. На Инстаграм, пак, објави само својот портрет. Поради тоа, „Дејли мејл“ официјално побарал коментар од Источното крило на Белата куќа за нејзиното отсуство, но сè уште не добил одговор.

Сопругата на Доналд Трамп никогаш не била премногу истакната, дури и за време на неговиот прв претседателски мандат. Сега се верува дека поголем дел од времето го минува во Њујорк, каде што студира нејзиниот син Барон. Откако Трамп повторно стана претседател, неговата сопруга нагласи дека планира да ја извршува функцијата прва дама, но под свои услови. Тоа вклучува продажба на нејзината НФТ-колекција и линија накит, како и продукција на документарен филм за неа, за што „Амазон“ наводно ѝ понудил 40 милиони долари.