Ресорот здравство му се нуди и на Зијадин Села, ако реши да го напушти Европскиот фронт, предводен од Али Ахмети. Како што брифира функционер на Вреди, веќе имале средба со Села, но на картата Села да остане во Фронтот, во кој би се приклучил и Таравари, игра и Ахмети. Од три опции што се во игра ќе зависи која ќе биде понудата на Вреди до премиерот Христијан Мицкоски за нов министер за здравство откако Арбен Таравари и официјално поднесе оставка од функцијата, брифира за „Слободен печат“ висок функционер од Вреди. Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, кадар на Алијанса за Албанците на Таравари, останува во Владата на Мицкоски и, според функционерот, битката е кон владиното мнозинство да се приклучи и делот од Алијанса, предводена од Зијадин Села. Ако оваа политичка операција успее, владејачкото мнозинство ќе се зголеми, и покрај излегувањето на Таравари од власта. Новиот министер ќе го предложи Фетаи или Села?
Според функционерот, вицепремиерот Фетаи не само што ќе остане на функцијата, туку ќе направи и фракција, односно ќе отцепи дел од АА на Таравари, меѓу кои и актуелни функционери во извршната власт, пратеници и директори. Според ова, Вреди игра на картата новиот предлог за министер за здравство да биде од фракцијата на вицепремиерот Фетаи. Фетаи, засега, е воздржан и не коментира дали веќе ја избрал страната. Втората опција е предлогот за прв човек во ресорот здравство да биде од Алијанса на Села, ако тој реши да го напушти Европскиот фронт, предводен од лидерот на ДУИ Али Ахмети. За ова, како што брифира функционерот од Вреди, веќе имало средба со Села. Но, на картата Села да остане во Фронтот, во кој би се приклучил и Таравари, односно на обединување на двете Алијанси, игра и Ахмети.
Од „тепачката“ за Села ќе зависи и дали, освен четирите пратеници од Европскиот фронт за кои вицепремиерот Изет Меџити јавно потврди дека ќе излезат од Фронтот, Вреди смета и на дополнителни четири пратеници од делот на Алијанса, предводена од Села. Во таков случај Вреди, која без петтемина на Таравари остана со девет пратеници, плус четирите пратеници од Фронтот кои би го поддржувале мнозинствоти ќе брои 13 народни избраници, а ако Села излезе од Фронтот со неговите четири пратеници и се приклучи кон владејачкото мнозинство, тогаш би имала 17 пратеници. Вреди смета и на дел пратеници од Алијанса, предводена од Таравари или, како што вели функционерот, од петмина само двајца пратеници ќе му останат верни на довчерашниот министер за здравство. Сепак, засега нема одлука од Села дали останува во Фронтот или ќе му заврти грб на Ахмети. Од ловот на пратеници и средби буквално на секој со секого, наскоро ќе се знае епилогот и новото прегрупирање во Собранието во албанскиот политички блок. Според математиката на Вреди, очекувањата се дека ќе обезбедат најмалку исто број како досега или уште повеќе пратеници, а со тоа и Бадентерово мнозинство, односно мнозинство меѓу пратениците од заедниците кое е неопходно при донесување одредени закони.
Тој додаде дека се преговара со пратеници од Европскиот фронт кои се опозиција и можеби ќе преминат од другата страна. На новинарско прашање дали тие ќе дејствуваат како дел од пратеничката група на Вреди, Меџити одговори дека дел се од мнозинството и од Европскиот фронт и дека ќе бидат поддршка за Владата. Тој рече дека деновиве се во преговори за повеќе политички опции за ресорот здравство и дека врз основа на тоа ќе дадат нов предлог за министер.
На прашање дали за опциите ќе се разговара само во рамките на Вреди или и со премиерот Христијан Мицкоски, Меџити одговори:
– Мислам и на други поединци, групи, политички субјекти кои се надвор од Вреди, во рамки на Европскиот фронт, кои се опозиција, а можеби ќе преминат на другата страна – рече Меџити.

Тој не прецизираше дали тоа значи дека преговараат и со Села. – Со повеќемина преговараме и ќе ве известивме кога ќе има конкретни резултати, следната недела сигурно – изјави Меџити. Тој повтори дека Владата има легитимитет кај Албанците и по излегувањето на Таравари, односно дека Вреди се повикува на „апсолутната победа на 107 илјади гласови“. – Ниеден од чинителите внатре, во Вреди, не може да каже дека ги има тие 107 илјади гласови во џеб, затоа што има гласови опозициски настроени кои излегоа да гласаат за промена и надеж. Деновиве гледате дека има тензии, има различни размислувања, се отповикуваат видни членови на Алијанса за Албанците и мислам дека повеќето од членството на Алијанса за Албанците ќе остане во рамките на Вреди, бидејќи тие придонеле за победата и за овие промени, и нема да дозволат поради лични побуди и лични интереси да се враќаат кај ДУИ – рече Меџити.
Тој оцени дека вицепремиерот Фетаи добро ја тера работата, успешно придонесува за промените и оти се надева дека така ќе продолжи. Одлуката на Таравари Алијанса да излезе од Владата направи раскол во партијата и видни членови од раководството со објави на Фејсбук се оградуваат од одлуката да излезат од Владата. Наспроти ова, Таравари е уверен дека ќе ја зачува пратеничката група. Откако тој поднесе оставка од функцијата, се очекува Собранието да ја констатира веќе на собраниската седница во вторник. Останува отворено прашањето дали на истата седница Мицкоски ќе предложи избор на нов министер за здравство, како и на заменици министри.