И покрај повиците на Европската Унија кон српскиот претседател Александар Вучиќ да не патува во Москва на 9 мај за Денот над победата над фашизмот во Втората светска војна, бидејќи Србија би можела да биде блокирана на процесот за пристапување кон ЕУ, сепак Вучиќ во телевизиско гостување изјави дека не го променил ставот и покрај притисокот тој ќе оди во Москва на парадата по повод 80-годишнината од победата над фашизмот.
„Отсекогаш сум имал отворен, искрен и срдечен однос со претседателот (Владимир) Путин, кој не е секогаш лесен и едноставен, бидејќи секогаш не се согласуваме, но си веруваме еден на друг кога ќе кажеме нешто“, рече Вучиќ за телевизјата Пинк, пренесе регионалниот сервис на РСЕ.
Во Москва, како што кажа, најверојатно ќе оди сам и „ќе ги прими сите удари и однадвор и одвнатре“ поради ваквиот негов потег.
„Веројатно ќе одам сам затоа што не сакам владата на Ѓуро Мацут да ја плати цената, сакам тој да има можност да работи со Европската Унија и никој да не може ништо да му каже. Тешко дека војската на Србија ќе оди, бидејќи би била предмет на разни удари и санкции“, рече Вучиќ.
Тој изјави дека во Москва со рускиот претседател Владимир Путин ќе разговара за новиот гасен аранжман и решението за компанијата Нафтна индустрија Србија (НИС), која се најде под санкции од САД поради мнозинска руска сопственост.