На 22-ри март годинава се навршија три години откако и се изгуби трагата на Виолета Крстевска Јаневска од Скопје, сметководителка вработена во Факултетот за безбедност. Семејната и скромна жена на возраст од 60 години, тој ден тргнала во оптика да си ги подигне очилата.
Според информации од нејзината ќерка Ангела, ги подигнала очилата, и од тогаш не се знае каде заминала и што се случило со неа. Случајот со Виолета ја вознемири јавноста, бидејќи според семејството, се работело за одговорна жена без здравствени проблеми. Секогаш ги известувала блиските каде оди и била посветена на семејството. Два часа по исчезнувањето не одговарала на повиците на ќерката, а потоа и се исклучил мобилниот телефон.
Случајот беше пријавен во полиција, а ќерката бараше и волонтери кои би помогнале во потрагата. Денес, по повеќе од три години, не се знае судбината на сметководителката од Кисела Вода, опишана како жена со ситна градба, слаба, со црвена коса и зелени очи. Во минатото, нејзината ќерка во неколку наврати апелираше за помош од јавноста, а во последниот телефонски разговор за „Фокус“ од пред две години, разочарано кажа дека нема никаков напредок во истрагата, ниту пак некој од надлежните служби ја контактирал. Официјално, Виолета се уште се води како исчезнато лице. Нејзината фотографија и лични податоци се објавени на страницата за исчезнати лица при МВР, а случајот се уште нема разрешница.