Поп пејачката Тамара Тодевска се огласи по повод нејзиниот хуманитарен концерт, кој ќе се одржи на осми мај во МКЦ, а од кој собраните средства од продадени влезници ќе бидат донирани на семејствата на настраданите во пожарот во Кочани. Како што појаснува Тодевска, -Имаме уште десетина денови до хуманитарниот концерт на 8-ми мај и сакам да споделам неколку искрени работи со моите фанови, колеги, новинари, со сите кои ја почитуваат мојата работа низ годините… Најпрво, големо благодарам до сите оние кои купија карти и на тој начин донираа за Кочани.
Тука се голем број на искрени мои фанови, најблиски (ама буквално најблиски) соработници, пријатели, колеги, другари и другарки и многу други… Вие сте луѓето и тимот за цел живот. А, вечерва и јас си купив карта за својот концерт и уште еднаш донирав за погодените семејства во Кочани… Но, има и такви кои и за ваков концерт бараат од фамозните гратиси. Сепак, јас сум убедена дека нѐ има многу повеќе добри луѓе и општествено одговорни компании/бизниси, кои во вистинска смисла на зборот се хумани и солидарни, истакнува пејачката.
Додава дека објавува предизвик и повик, со кој јавноста ќе покаже дека е хумана и солидарна. -Купете си карта преку MK Tickets (линк на Story и во Bio); Објавете на Story скриншот од картата со #ДонирајЗаКочани (со покриен баркод); Покажете дека сте поинакви и во вистинска смисла на зборот – хумани и солидарни. Јас сум среќна и задоволна што продажбата на карти се одвива баш добро (а со тоа ќе се соберат повеќе пари за погодените од трагедијата), што јас и мојот бенд и мојот тим секојдневно се подготвуваме и ќе бидете дел од навистина уникатен концерт. Ви благодарам на сите за големата поддршка и енергија која ни ја давате. Се гледаме на 8-ми мај, во МКЦ, од 20:00 часот, порача Тодевска.