Политичките партии ја слушаат бизнис заедницата, но ништо не спроведуваат. Стопанската комора до крајот на март ќе им понуди документ на партиите со принципите за соработка. Веруваат дека потписот ќе ја обврзе идната влада да ги испочитува барањата на стопанството.
Државата мора да го остави бизнисот да работи слободно, за да може компаниите да испорачаат економски раст преку инвестиции и нови вработувања, вели првиот човек на Стопанската Комора Бранко Азески во поткастот „Каде се парите“ со Горан Теменугов. Затоа од 15 до 31 март раководството на Стопанската комора ќе се сретне со политичките партии на кои ќе им биде понуден документ за потпис, кој ќе биде обврзувачки за новата влада. Азески вели дека ако престане државата да биде ортак со бизнисот и почне да си ја врши својата работа на регулатор на економијата, тогаш компаниите ќе испорачаат економски раст од 4% годишно.